Правна заштита преку поднесување Претставка и Предлог

Со цел заштита на своите права и интереси, секое физичко и правно лице, покрај востановената правна заштита во судска и/или управна постапка, може да ги остварува своите права и преку поднесување на Претставка или Предлог, постапка која што нуди одредени предности, а која не е до крај позната, додека за одреден дел на физички и правни лица и воопшто непозната постапка.

Овој текст има за цел да ја образложи постапката за поднесување на претставка или предлог, од причина што од досегашната пракса се покажа дека секое физичко и правно лице во одреден дел може да ги заштити своите права и интереси, со вложување на претставка за која не се плаќа такса, односно секое лице може да дојде до остварување на своите права без одолговлекување на правната постапка и без дополнителен економски товар на подносителот. 

Согласно член 24 од Уставот на Република Северна Македонија, секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор. Граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело.

Покрај со Уставот на Република Северна Македонија, со Закон за постапување по претставки и предлози, подлабоко се унапредува заштитата на правата на секое физичко и правно лице, односно се уредува начинот на поднесување и на постапување по поднесените претставки и предлози до државните органи и другите јавни служби.

Секој подносител на претставка или предлог, не смее да биде повикан на одговорност, ниту да трпи какви било штетни последици поради поднесувањето на претставката, односно предлогот и изнесувањето на ставови и мислења, освен ако со тоа не е сторено кривично дело.

Во претставката потребно е да бидат наведени факти и докази од кои може да се утврди вистинитоста на наводите. Поднесената претставка или предлог не смее да биде омаловажувачка или со вулгарен речник кон органот кој се поднесува. Претставката или предлогот не може да биде поднесена анонимно, освен ако се работи за прашање од јавен интерес утврден со закон.

Под претставка, односно предлог се подразбира секое писмено или усно обраќање на подносителите до органите кои постапуваат по претставките, односно предлозите заради заштита и остварување на своите права и интереси, јавните интереси утврдени со закон или заради поведување на друга иницијатива од јавен интерес освен оние писмени или усни обраќања (барање за поведување на постапка за остварување на права или правни интереси, иницијатива за вршење на инспекциски или друг вид на надзор) од чија содржина произлегува барање од подносителот за поведување на постапка која е регулирана со посебен закон.

Органот кој постапува по претставките и предлозите е должен да му одговори на подносителот за основаноста и за резултатите од постапувањето во рок од 15 дена, а за сложени прашања во рок од 30 дена од приемот на претставката, односно предлогот.

Имено, ако при постапувањето по претставката, односно предлогот се утврди дека на подносителот со акт, дејствие или мерка му е повредено право или му е нанесена штета, односно е повреден јавниот интерес утврден со закон, органот кој постапува по претставката, односно предлогот ќе му укаже на надлежниот орган и ќе побара да се преземат потребните мерки согласно со закон за отстранување на повредата на правото,односно причинетата штета.

Воедно, Законот предвидува и парични казни – глоби за државниот орган надлежен да постапува и овластеното лице/управителот на органот, доколку подносителот не добие одговор во рок од 15 дена, а за сложени прашања во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на претставката или предлогот. Особено укажуваме дека подносителот може да се обрати и до Народниот правобранител на Република Северна Македонија и да побара дополнителна заштита на своите права и интереси, особено доколку државниот орган постапува спротивно на одредбите од Законот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *