Законски предвидената форма за составување на тестаментот претставува суштествен услов за полноважност на тестаментот.
Ова од причина што тестаментот ќе се исполни дури по смртта на завештателот, така што строгата форма на тестаментот претставува единствена гаранција дека ќе биде доследно почитувана вистинската волја на завештателот.
Законот за наследувањето на Република Северна Македонија ги предвидува следниве форми на тестаменти: своерачен, судски, дипломатско-конзуларен, меѓународен, војнички и устен.
Оттука, за разлика од споредбеното право каде што формата на нотарскиот тестамент е широко прифатена, Законот за наследување на Република Северна Македонија, како lex generalis не го познава нотарскиот тестамент.
Иако, во Законот за наследување на Република Северна Македонија, како lex generalis не е предвиден нотарскиот тестамент, сепак овој институт не е непознат за нашето законодавство од причина што Законот за нотаријат на Република Северна Македонија предвидува можност Нотарот како повереник на судот да состави тестамент во форма на нотарски акт.
Воедно, Законот за нотаријат предвидува дека тестаментот во форма на нотарски акт се составува според одредбите што важат за составување на судски тестамент содржани во Законот за наследување.
Оттука, нотарскиот тестамент го составува нотар кој постапува на подрачјето на надлежен основен суд во форма на нотарски акт по кажување на завештателот.
Најпрвин, Нотарот е должен да го провери идентитетот на завештателот. Тој може да биде утврден од страна на Нотарот кога лично го познава завештателот. Понатаму, идентитетот може да биде утврден и од страна на изјавите на најмалку двајца полнолетни сведоци кои Нотарот ги познава лично или пак го потврдиле својот идентитет врз основа на документи за идентификација (пасош, лична карта и др.). Идентитетот на завештателот може да се утврди и со сведочење од страна само на еден сведок, доколку завештателот поседува јавна исправа со која може да се утврди неговиот идентитет. Освен идентитетот на завештателот, Нотарот е должен да го утврди и идентитетот на т.н. сведоци на идентитетот на завештателот. И покрај тоа што начинот на утврдувањето на идентитетот на завештателот е иницијално, првично дејствие во постапката, сепак неговото значење е големо.
По утврдувањето на идентитетот, Нотарот е должен да утврди дали завештателот е тестаментално способен, односно да утврди дали е способен да го разбере фактичкото и правното значење на своите постапки и правните последици што тие ги предизвикуваат. Во таа насока, Нотарот треба да се увери дека завештателот слободно, без присила и закана, ја дава својата изјава на последната волја свесен за последиците што таа ќе ги предизвика.
Откако Нотарот ќе се увери во тестаменталната способност на завештателот и дека тој својата изјава на волја ја дава слободно, при чиста свест и здрав разум, почнува да го составува записникот според кажување на завештателот. Во таа смисла, Нотарот ги регистрира и бележи зборовите на завештателот, при што најважната работа е волјата на завештателот да биде забележана на најадекватен начин, односно запишаниот текст да биде автентичен израз на волјата на завештателот. Во текот на постапката за составување на тестаментот во форма на нотарски акт нотарот е должен, исто така, да го подучи завештателот за неговите права, но и обврски во однос на правото на нужен наследен дел, кое им припаѓа на нужните наследници.