Предлог Закон за финансиски инструменти

Со оглед на фактот дека Законот за хартии од вредност (Службен весник на Република Северна Македонија број 95/2005, 25/2007, 86/2007, 123/2007, 140/2007, 146/2007, 7/2008, 45/2009, 57/2010, 135/2011, 13/2013, 188/2013, 43/2014, 15/2015, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 83/2018, 31/2020, 288/2021) веќе подолго време не е усогласен со најновите директи и регулативи на Европската Унија во областа на пазарот на капиталот, на предлог на Министерството за финансии во месец март започна подготовката на новиот Закон за финансиски инструменти.

Со овој Закон се уредува работењето на инвестициските друштва и други лица овластени за вршење на инвестициските услуги и активности; работењето на пазарниот оператор, регулираниот пазар на МПТ и ОПТ; работењето на давателите на услуги за доставување на податоци; водењето на регистрите за нематеријализирани хартии од вредност и финансиски инструменти, работењето на системите за утврдување и порамнување и на операторите на тие системи; транспарентноста на местата за тргување и на инвестициските друштва  како и забранетите дејствија во однос на финансиските инструменти и статусот и надлежностите на Комисијата за надзор на пазарот на капитал.

Со усвојување на Предлог законот ќе се воведат нови финансиски инструменти и регулирани пазари преку кои ќе се овозможи сите финансиски инструменти што се достапни за инвеститорите на меѓународните пазари да бидат имплементирани и препознаени и на домашниот пазар. Потоа, покрај Берзата како основна институција со тргување со финансиските инструменти, ќе можат да се основаат и нови платформи за тргување како што се Мултилатералната платформа за тргување и Организираната платформа за тргување.

Дополнително, со донесувањето на Законот ќе се зголеми и безбедноста на инвеститорите во Република Северна Македонија преку воспоставување на соодветни механизми при пренесувањето на податоците и транспарентноста за местата на тргување преку објавување на актуелните куповни и продажни цени како и пазарната длабочина по тие цени кои се објавени на системот, а се однесуваат за акции, потврди за странски хартии од вредност и сл.

Останува да се види кога и со какви измени и дополнувања ќе биде донесен Предлог законот за финансиски инструменти во Собранието на Република Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *