Основа за постоење на правниот институт клевета е потребата да се заштити честа и угледот на субјектите.
Согласно Законот ,,За клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или прeнесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити“.
Одговорност за клевета постои и ако невистинитото тврдење содржи факти штетни за угледот на правно лице, група лица или умрено лице.
Ако изнесувањето или прeнесувањето невистинити тврдења за факти е сторено преку средство за јавно информирање за клевета можат да одговараат авторoт на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице. Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и надоместување на штета за клевета.
Тужениот е должен да ја докажува вистинитоста на фактите содржани во тврдењето.
Тужениот кој ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета.
По исклучок, товарот на докажување паѓа врз тужителот кој како носител на јавна функција има законска должност да даде објаснување за конкретни факти кои најнепосредно се поврзани или се од значење за вршењето на неговата функција, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување на тврдење што е од јавен интерес.
Не е дозволено докажување на вистинитоста на факти кои се однесуваат на приватниот живот на тужителот, освен во случаи точно определени со закон.
Покрај наведеното исклучена е одговорноста и за тврдење факти штетни за честа и угледот на друг што се дадени во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика, во вршење на службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата или на други права или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, во случаи точно определени со закон.
Надоместувањето треба да биде пропорционално со предизвиканата штета и да ја опфаќа нематеријалната штета нанесена на честа и угледот на оштетениот, како и докажаната материјална штета како вистинска штета и изгубена добивка.
Заради намалување на штетата, тужениот може да докажува дека се извинил, понудил извинување или на друг начин направил сериозен обид да ги отстрани штетните последици на клеветата.
Рокот за поднесување на тужба е три месеци од денот кога тужителот дознал или требало да дознае за клеветничката изјава и за идентитетот на лицето кое ја предизвикало штетата, но не подоцна од една година од денот кога изјавата е дадена пред трето лица.
Постапката по тужба за утврдување на одговорност за клевета и надоместување на штетата е итна, а со поднесувањето на тужба оштетениот може да поднесе и барање за определување на привремена мерка која што се состои во забрана на натамошно објавување на клеветничките изјави.