Roe v Wade е еден од ретките случаи што ја имаат дефинирано нацијата и правната перспектива во САД. Тоа е преседан чие значење припаѓа на планината Рушмир во поглед на американското право, на рамниште со Marbury v Madison кој ја воспостави судската ревизија, Brown v Board of Education кој го започна почетокот на крајот на сегрегацијата со дерогирање на доктрината „одделни, но еднакви“ и Miranda v Arizona кои ги воспоставија добро познатите права на Миранда.
Меѓутоа, по речиси 50 (педесет) години од оваа значајна одлука, Врховниот суд на САД во овогодинешниот мандат ја поништи пресудата констатирајќи дека не постои федерално – уставно загарантирано право на абортус.
Врховниот суд образложи дека Roe v Wade, и инхерентната пресуда во случајот Planned Parenthood v Casey, не ја постигнаа целта да се стави крај на националната поделба и дебата во врска со правото на абортус. Судот посочи на тоа дека американците сеуште имаат длабоки уверувања и различни гледишта за прашањето на абортус, и воедно дека и државите на различен и соодветен начин го имаат регулирано истото.
Оттука, Врховниот суд заклучи дека прашањето за абортус – од перспектива на Судот е повеќе политичко отколку правно прашање, и истото мора им се врати на избраните претставници од народот. Судот се повика на забелешките на судијата Скалија во случајот Casey, каде тој укажува дека „дозволеноста на правото на абортус и ограничувањата, треба да се решат како што се решаваат најважните прашања во една демократија: граѓаните ќе се обидуваат да се убедат меѓусебно, а потоа ќе гласаат“.
Врховниот суд пресуди дека прашањето на абортус, како право не може да биде имплицитно извадено од Уставот. Како што е посочено во пресудата, Врховниот суд појаснува дека Уставот не упатува на абортус и дека такво право не е имплицитно заштитено со ниту една уставна одредба, вклучивајќи ја и одредбата за право на процес (due process) согласно Четиринаесетиот амандман.
Четиринаесетиот амандман е правниот основ со кој се конституираше правото на абортус кога Судот тоа го одлучи во Roe v. Wade. Впрочем, одредбата за право на процес (due process) е изворот на плеада на уставни права кои граѓаните ги уживаат. Во согласност со правната јуриспруденција во САД, одредбата за право на процес (due process) се толкува во две категории, како процедурален аспект на право на процес (due process) кој се однесува на процедурите што државата мора да ги следи и почитува пред да преземе дејствие против некое лице, и материјален аспект на право на процес (due process) кој се однесува на материјалните права кои се екплицитно наведени во Уставот, но и оние кои се имплицирани од Уставните одредби.
Слободно може да се каже дека, генерално, конзервативните судии кои се моментално мнозинство во Врховниот суд, го оспоруваат и се противат на материјалното право на процес (due process) чие толкување инхерентно бара пошироко и либерално читање на Уставот.
Оттука, во пресудата со која се преиначува Roe v Wade не е изненадувачки што Врховниот суд во овој состав одби да се придржува до правното образложение во пресудата Roe v Wade каде се вели дека правото на приватност кое произлегува од Четиранесетиот амандман, го штити и изборот на жената во врска со абортус. Врховниот суд согласно прецедентното право, го употреби случајот Washington v. Glucksberg (1997) со цел да посочи дека правото на абортус дури и кога би се направил обид да се изведе имплицитно, како што беше случајот во Roe v Wade, не е возможно бидејќи такво право мора да биде „длабоко вкоренето во историјата и традицијата на нацијата . . . и имплицитно во концептот на слобода“. Врховниот суд продолжи со образложение дека правото на абортус не ги исполнува овие услови, бидејќи пред случајот Roe v Wadе, абортусот бил во голема мера забранет во повеќето држави и како таков нема врска со традициите на нацијата.
Имено, дури и да се земат предвид овие ретроактивни историски истраги за традициите пред Roe v Wade, сепак останува фактот дека откако е донесена пресудата во Roe v Wade, се помината речиси 50 (педесет) години. Во текот на овие години, Врховниот суд ја има потврдено таа пресуда во случајот Casey и не ја поништил во претходни наврати и случаи кога Roe v Wade бил оспорен на било кој основ. Таквата воспоставена правна пракса во тој временски период, де факто на еден начин воспоставува традиција и правна сигурност која Врховниот суд со оваа одлука сега ја игнорира.
Понатаму, како што е наведено во одлуката, Врховниот суд смета дека за ова прашање, како морално и политичко, не треба да одлучува Врховниот суд, туку тоа треба да се остави на државите и избраните функционери кои го преставуваат народот. Иако Врховниот суд не треба да ги морализира или политизира своите одлуки, во истата оваа одлука Врховниот суд произнесува контрадикторни ставови.
Додека Врховниот суд наведува дека материјалното право на абортус кое се заснова и произлегува од Четитинаесетиот амандман е неосновано, се обидува да разјасни дека сите други одлуки кои тангираат имплицитни материјално права кои се предмет на исто образложение, не се загрозени со оваа одлука, туку само правото на абортус.
Меѓу најзначајните такви права, се правото на интимни сексуални односи, правото на користење контрацепција, правото на брак, итн., се права кои се воспоставени со правно образложение во линија на она од Roe v Wade. Сепак, Врховниот суд наведува дека абортусот е фундаментално различен, како што е признаено и во Roe v Wade и Casey, бидејќи го уништува она што во тие пресуди се нарекува „фетален живот“ и она што законот го пропишува како „неродено човечко суштество“.
Врховниот суд се обидува да направи разлика помеѓу тие права и правото на абортус, само поради фактот што во овој случај постои фетален живот, но без никакво правно појаснување за разликата во материјалноста меѓу случаите. Секако, постои очигледен аргумент дека Врховниот суд го вклучува сопствениот морал во оваа одлука, на ист начин како што тврдат дека Судот го направил во Roe v Wade.
Правните експерти упатуваат на тоа дека одлуката со која се поништува Roe v Wade е еден од ретките случаи кога Врховниот суд ја поништува сопствената одлука со која е прогласено уставно право, и секако единствениот случај кога одзема право кое ужива значителна јавна поддршка.