Нов Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам

Во насока на усогласување на Законската регулатива во Република Северна Македонија со Директивите на Европската Унија во областа на спречување на злоупотребата на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам на ден 12.07.2022 година стапи на сила  новиот Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам.

За разлика од стариот, со новиот Закон се воведуваат нови дефиниции со кои се уредуваат одредени поими кои се уредуваат во законот и се зголемува кругот на субјекти кои задолжително треба да преземаат мерки и дејства за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Како нови субјекти во законот се воведени: лицата кои тргуваат или дејствуваат како посредници во трговија со уметнички дела, вклучително кога активноста ја вршат уметнички галерии или аукциски куќи, лица кои складираат, тргуваат или кои дејствуваат како посредници во трговијата со уметнички дела, кога активноста се одвива во слободни зони и лица – даватели на услуги поврзани со виртуелни средства. Рокот за усогласување на новите субјекти со новиот закон е 9 месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

Кога станува збор за идентификација на клиентот покрај употребата на оригинал и важечки документ за идентификација, новиот закон предвидува по можност употреба на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација.

Дополнително, со новиот закон во однос на уписите во Регистарот на вистински сопственици опфатени се промени на роковите за упис, субјектите кои се обврзани да извршат упис во рамки на истиот како и нов пристап во утврдувањето на вистински сопственик кај фондациите.

За разлика од досегашниот рок за внесување на податоци во Регистарот за вистински сопственици кој изнесуваше 8 дена, со новите законски одредби рокот изнесува 15 дена од уписот на деловниот субјект во трговскиот регистар и во регистарот на други правни лица и рок од 15 дена од промената на податоците за вистинскиот сопственик.

Со новиот Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам исто така опфатени и нови субјекти кои се обрзани да извршат упис на вистински сопственик во регистарот и тоа: правни субјекти чиишто акции котираат на организиран пазар на хартии од вредност. Рокот за упис на овој вид правни субјекти е три месеци од денот на влегување на сила на новиот закон.

Со оглед на фактот дека спречувањето перење пари и финасирање тероризам е доста комплексен процес, сметаме дека со воведените измени и доставувањето на целосни, точни и навремени анализи и извештаи за извршени сомнителни активности или трансакции ефикасно ќе се заштити интегритетот на финансискиот сектор и економијата, а со тоа ќе се зацврсти и националната сигурност и безбедност при воспоставувањето на сите понатамошни деловни односи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *