Остварување на граѓански права и заштита од дискриминација

Со Законот за спречување и заштита од дискриминација се обезбедува принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи.

Заштитата од дискриминација овозможува заштита на граѓаните од неправеден и нееднаков третман. Во денешно време, често се занемарува нееднаквиот третман спрема поединците, но истите треба да се орхрабрат и да бараат заштита на своите права пред надлежните институции.

Законот за заштита од дискриминација, ја дефинира дискриминацијата како секое разликување, исклучување, ограничување или давање на првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Наведеното ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфаструктурата, добрата и услугите.

Законот дефинира директна и индиректна дискриминација, повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација, вознемирување, виктимизација, сегреација и потешки облици на дискриминација.

Законот и Комисијата за спречување и заштита од дискиримација (КСЗД) овозможуваат правна рамка и механизам за заштита на граѓаните кои сметаат дека уживаат неправеден и нееднаков третман.

Постапката за заштита од дискриминација може да се води пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација или пред надлежен суд.

Постапка пред Комисија за спречување и заштита од дискриминација

Претставка за заштита од дискриминација можат да поднесат: физички лица – жртви на дискриминација и правни лица – организации кои застапуваат интереси на дискриминирани лица или групи. Претставката се поднесува до КСЗД, во писмена или елктронска форма, со опис на дејствијата кои претставуваат дискирминација и да се приложат сите докази кои укажуваат на дискриминација.

Комисијата дава мислење во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на претставката и го доставува до поднесувачот и до лицето против кое е поднесена претставката.

Со писменото мислење, доколку е утврдена дискриминација, Комисијата препорачува начин на отстранување на повредите на правото. Доколку лицето на кое е упатена препораката не постапи по препораката, Комисијата поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.

Постапката пред КСЗД е без надомест односно без трошоци.

Постапка пред надлежен суд

Лицето кое смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд.

Со тужбата лицето кое смета дека е дискриминирано, може да бара од судот: да се утврди дека тужениот го повредил правото на тужителот, односно дејството што го презел или го пропуштил да го преземе претставува дискриминација; да се забрани преземање дејства со кои се крши или може да се прекрши правото на тужителот; да се задолжи тужениот да преземе дејства со кои се отстранува дискриминацијата или нејзините последици; да се надомести материјалната и нематеријалната штета причинета со повреда на правата заштитени со овој закон и
да се објави во медиумите диспозитивот на пресудата со која е утврдена дискриминација во пристапен формат на трошок на тужениот.

Законот дава можност да се поднесе и тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес која можат да ја поднесат здруженија, фондации, синдикати или други организации од граѓанското општество и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, само доколку сторат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број на лица. 

Лицата кои ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација се ослободени од плаќање трошоци за судски такси.

Leave a Reply