Двата гиганти за спортска облека, Nike и Adidas, водат правна битка (спор за трговската марка), која започна во 2022 година, кога Адидас поднесе жалба пред Регионалниот суд во Дизелдорф, што довело до првична забрана за користење на дизајнот со паралелни ленти на Nike во Германија. Имено, компанијата за обувки и спортска облека – Nike, сега доби зелено светло да ги користи лентите на четири од спорните дизајни, иако забраната за еден модел се уште останува. Всушност одлуката беше делумно поништена по жалба, на начин што се дозволи Nike да нуди на пазарот, да поседува и да рекламира четири од вкупно пет спорни модели.
Важно е да се нагласи дека во овој конкретен случај, судот посочи дека не секоја шема/дизајн, сочинет од паралелни ленти поставени на страната на спортските панталони може автоматски да асоцира, односно да се поврзе со Adidas.
Покрај тоа, судот одлучи дека Adidas не може едноставно да ги спречи конкурентите да користат линии/ленти. Имено, неопходно е да се докаже дека постои ризик од забуна и дека релевантниот сектор од јавноста ќе го поврзе предметниот знак со неговата ознака.
Nike тврди дека барањата на конкурентот Adidas за дизајнот со три ленти се премногу рестриктивни. Уште повеќе, дизајнот со паралелни ленти/линии е користен од неколку компании за облека во модната индустрија, спортската облека, вклучително и на надворешните шевови на панталоните на различни брендови.
Оваа пресуда е од огромно значење, имајќи го предвид фактот дека покажува дека правната заштита којашто ја уживаат носителите на регистрираните трговски марки, не треба да се толкува на начин што ќе ја спречи/забрани фер конкуренцијата помеѓу учесниците на пазарот.