Кетрин Вон Драхенберг, познат тату-артист, победи во правниот спор кој се водел пред федералниот суд, кога на ден 26.01.2024 поротата едногласно одлучила дека нејзината тетоважа која претставувала репродукција на фотографија од американскиот џез трубач, водач на бенд и композитор – Мајлс Дејвис, не претставува повреда на авторско право.
Имено, во конкретниот случај станува збор за фотографија од џез – музичарот Мајлс Дејвис која била направена од страна на тужителот, Џефри Б. Седлик, фотограф. Овој портрет за прв пат бил објавен во магазинот JAZZIZ во 1989 година.
На судењето, од круцијална важност бил фактот дали тетоважата на Кет Вон Д е суштински слична со фотографијата на Седлик, до степен на незаконско присвојување на истата, со што на тој начин би станувало збор за повреда на правото на фотографот Џефри Седлик, како автор на односната фотографија.
Седлик ја поднел својата тужба против Кет Вон Д во Окружниот суд во Калифорнија во 2021 година, за копирање заштитени елементи на неговата фотографија и користење на слики од тетоважата на нејзиниот профил на социјалните мрежи.
Одбраната на Кет Вон Д се темелела на принципот на „фер употреба“ (како исклучок од повредата на авторско право), бидејќи тетоважата не била „суштински слична“ со фотографијата на Седлик, како и на фактот дека таа бесплатно ја тетовирала својата пријателка. Сепак, ставот на тужителот бил дека иако тетоважата била услуга за пријателка, објавите од односната тетоважа на социјалните мрежи биле од комерцијален карактер, бидејќи имале за цел да ги промовираат нејзините услуги.
Кет Вон Д во овој случај успеала да докаже дека не постои повреда на правата од интелектуална сопственост на познатиот фотограф, на начин што нејзината тетоважа и фотографија од истата, подоцна објавена на социјалните мрежи, не се суштински слични со фотографијата (портретот) на музичарот направен од страна на тужителот, како и дека истата не е користена за комерцијални цели.