Значајна победа на Веспа во областа на правото на трговска марка

На крајот на 2023 година Пиаџо, производителот на Веспа скутерите конечно ја доби неколкугодишната битка со Европскиот завод за заштита на интелектуалната сопственост. Имено, Пиаџо бил носител на трговска марка во облик со број 011686706:

(Сликата е преземена од: https://www.tmdn.org/tmview/#/tmview/detail/EM500000011686706)

Но, во 2021 година Жалбениот совет на Европскиот завод за заштита на интелектуалната сопственост одлучил дека трговската марка на Пиаџо не е валдина бидејќи истата не е дистинктивна. Согласно правото на трговските марки, дистинктивноста е еден од суштинските елементи на трговската марка и предуслов за истата да ужива заштита.

Целокупниот проблем за Пиаџо потекнува од долгогодишниот спор со кинескиот производител на скутери Знен (Zhejiang Zhongneng Industry Group Co.). Имено, скутерите на Знен многу наликуваат на оние на Веспа и истите се пласирани и на италијанскиот пазар.

Со цел да ја зголеми конкурентноста на својот производ, не само преку пониската цена, кинескиот производител започна голем број на спорови против Пиаџо во кои директно ги напаѓа трговските марки во облик на Веспа.

Сепак, пред Европскиот Генерален Суд, Пиаџо успеа да докаже дека трговската марка во облик на Веспа е добропозната. Еден од главните аргументи на Пиаџо бил дека Веспа е изложена во музејот МоМа во Њу Јорк и дека е дел од безвременски филмски класици. Покрај ова, Пиаџо имал доставено голем број на истражувања на пазарот, мислења, докази за продажба и слично. Судот заклучил дека Веспа ужива статус на „икона“ во рамките на Европската Унија, па оттука понишутвањето на трговската марка во облик на Пиаџо било погрешна процена на Европскиот завод за заштита на интелектуалната сопственост, бидејќи истиот не ги земал во вид сите елементи при оценувањето на дистинктивноста.