Во Службен весник на Република Северна Македонија бр.199 од 25.09.2023 година, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност. Согласно член 24 од Законот, истиот влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија, но укажуваме дека со Законот се предвидени и одредби кои ќе се започнат да се применуваат, односно започнаа да се применуваат од 01.01.2024 година и истите ќе бидат во фокусот на оваа статија.
Имено, со измените се дополнуваат одредбите наведени во член 6 од Законот за додадена вредност, односно се дополнува и допрецизира прометот на услуги, што во смисла на законот претставува секоја дејност која не е промет на добра согласно одредбите од законот. Имено, во член 6 став 2, по точка 5 се додава нова точка 6 во која е наведено дека промет на услуги претставува и вршењето на телекомунукациски услуги на пренос, емитување или примање на сигнали, зборови, слики и звуци или информации од која било природа преку врска, радио, оптички или други електромагнетни системи, додека согласно новата точка 7 која се додава, како промет на услуги се смета и вршењето на услуги по електронски пат и тоа изработка на веб страни, софтвер и негово ажурирање, музика, филмови и игри, вклучувајќи игри на среќа, како и политички, културни, уметнички, спортски, научни и забавни емитувања, настава на далечина итн.
Значајна измена и дополнување во Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност претставува и воведувањето на даночен застапник. Согласно новиот член 9-б од Законот, од 01.01.2024 година странско лице коe нема седиште, ниту подружница на територијата на Република Северна Македонија, а коe врши промет на добра и услуги во земјата кои подлежат на оданочување со данок на додадена вредност согласно со овој закон, има обврска да се пријави за целите на данокот на додадена вредност и да назначи даночен застапник.
Имено, странското лице се регистрира за целите за данокот на додадена вредност, пред започнувањето на вршењето на оданочивиот промет во земјата и истото може да назначи само еден даночен застапник. Назначувањето на даночен застапник се врши со поднесување на пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност заедно со потребната докумeнтација.
Важно е да се напомене дека законодавецот јасно навел дека даночен застапник може да биде назначен доколку е регистриран за цели на данокот на додадена вредност најмалку 12 месеци пред поднесувањето на пријавата за назначување на даночен застапник, на денот на поднесување на пријавата за назначување на даночен застапник нема доспеани, а неплатени даночни обврски и ако е правно лице да не е започната стечајна или ликвидациона постапка или ако е физичко лице да не е правосилно осудено за кривично дело. Даночниот застапник има обврска за пресметување на данокот, за поднесување даночна пријава, за плаќање на данокот и за плаќање камата во случај на задоцнето плаќање на данокот, а воедно солидарно гарантира и за данокот на додадена вредност кој го должи странското лице.
Исто така почнувајќи од 01.01.2024 година, а врз основа на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност, се менува член 14 од Законот и за место на промет на услуга кон даночен обврзник, се смета местото, каде што даночниот обврзник има вистинско седиште, а доколку прометот на услуги се врши кон подружница која даночниот обврзник ја има надвор од местото на вистинското седиште, тогаш како место на промет на услуги се смета местото каде што даночниот обврзник има подружница. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на даночниот обврзник кој е корисник на услугата.
За место на прометот на услуги кон лице што не е даночен обврзник, се смета местото каде што вршителот на прометот на услуги има вистинско седиште. Доколку прометот на услуги се врши од подружницата на вршителот на прометот на услуги, што се наоѓа надвор од неговото вистинско седиште, тогаш седиштето на подружницата се смета за место на прометот на услуги. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на вршителот на прометот на услуги.
Согласно одредбите од Законот, од претходнонаведените правила за утврдување на место на промет на услуга постојат и исклучоци и тоа како место на промет на услуга се смета и местото каде што се наоѓа недвижен имот кога се работи за промет на услуги во врска со недвижен имот, вклучувајќи го и посредувањето при промет со недвижен имот, услугите од страна на експерти и агенти за недвижен имот, проценката на недвижен имот, провизиите за сместување во областа на хотелиерството или слична област. Како место на промет на услуга се смета и местото каде што превозот на патниците се извршува, пропорционално на делницата или дел од истата, по која се извршува превозот кога се работи за превоз на патници. Исто така, согласно одредбите од Законот, како место на промет на услуга се смета и местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на самото место и кетеринг услуги. По исклучок за место на промет на услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на самото место и кетеринг услуги извршени на брод, авион или воз, се смета местото каде што започнува превозот на лица.
Напоменуваме дека претходно наведените исклучоци за утврдување на место на промет на услуга се само дел од исклучоците подетелно наведени во член 6 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност.
Воедно, со цел избегнување на двојно оданочување, неоданочување или нарушување на условите на конкуренцијата, законодавецот предвидел дека Министерот за финансии е овластен да го утврдува местото на вршењето на одделните услуги според тоа каде била искористена услугата, а начинот на утврдувањето на местото на промет на услугите од член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност исто така го пропишува Министерот за финансии.