Во Република Северна Македонија досега не постоеше посебен закон за заштита на деловната тајна или за заштита на информациите и податоците, иако постојат повеќе законски прописи во кои се содржани одредби кои го регулираат прашањето за деловната тајна. Со оглед на процесот на апроксимација на домашната регулатива кон онаа на Европската Унија, законодавецот сметаше дека е од суштинско значење донесување на посебен закон за заштита на деловна тајна, кој би довел до зајакнување на заштитата на виталните информации на деловните субјекти што се изложени на ризик од откривање.
Со овој Предлог-закон се уредува заштитата на неоткриени знаења и искуства и деловни информации (деловна тајна) од незаконско стекнување, користење и откривање. Носителите на деловна тајна имаат законско право да бараат мерки, постапки и правни средства предвидени со овој закон заради спречување на незаконско стекнување, користење или откривање на нивната деловна тајна. Освен носителот на деловната тајна, заштита на правото од овој закон може да бара и носител на лиценца во онаа мера во која за тоа е овластен врз основа на договор или закон.
Значајно е да се напомене дека со овој Предлог-закон потребно е да се усогласат и посточеките законски прописи кои веќе содржат одредени елементи на заштита на деловната тајна. Тука особено ќе го издвоиме и Законот за индустриската сопственост. Имено, во рамките на Европската Унија, прашањето на деловна тајна, во голема мера се разгледува од аспект на правото на индустриската сопственост.
Во рамките на Европскиот Завод за Интелектуална Сопственост (ЕУИПО), со цел унифицирано спроведување на Директивата за деловни тајни 2016/943, донесени се неколку прирачнци кои ја регулираат оваа материја. Она што е интересно да се издвои е прирачникот за судската заштита од повреда на деловните тајни. Видно од анализата на повеќе од 700 пресуди, судските спорови за повреда на деловните тајни се главно на национално ниво во отсуство на прекугранични спорови. Најчесто странки во овие спорови се поранешни вработени со нивниот работодавач или компании кои соработувале во создавање на одреден производ/давање на определена услуга. Она што е интересно да се напомене е дека поголемиот број од овие спорови се однесуваат на комерцијалните, а не на техничките информации кои биле класифицирани. Заедничко за сите спорови е што често пати прашањето на нивна повреда се поврзува и со сторување на акт на нелојална конкуренција и со директна повреда на одредени прашања кои ги регулира интелектуалната сопственост (пр. договори за лиценца, договори за франшиза и сл.)
Имајќи го во вид различниот дијапазон на споровите каде може да настане повреда на деловните тајни, останува да видиме како судовите во Република Северна Македонија ќе го применуваат новиот закон (lex specialis), но и каква ќе биде поврзаноста со постоечките останати материјални закони, особено Законот за индустриската сопственост, при остварувањето на правото на судска заштита на носителите на деловни тајни.