Во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 91 од 28.04.2023г. објавени се измените на Законот за земјоделско земјиште. Со донесените измени на законот се предвидува продолжување на договорите за концесија за користење на земјоделското земјиште од 5 на 15 години. Пред донесување на оваа измена на законот беше регулирано дека по истекот на времетраење на склучениот договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост по барање на закупецот, доколку закупецот во целост ги исполнил обврските од договорот за закуп, министерот може по претходно позитивно мислење од Државното правобранителство на Република Северна Македонија и по претходна согласност од Владата на Република Северна Македонија со непосредна спогодба да склучи нов договор за закуп со закупецот, но најмногу за период од 5 години.
Со цел да се излезе во интерес на земјоделците и на правните субјекти кои што се занимаваат со земјоделска дејност, како и за поефикасно и порационално користење на земјоделското земјиште, донесена е измената на законот со која е продолжен рокот за продолжување на договорите за концесија од 5 на 15 години. На овој начин, на земјоделците им се отвара можност за поголемо користење на ИПАРД програмите за земјоделство и на другите програми за финансирање на земјоделството, а исто така се овозможува и поголема сигурност и стабилност при користењето на земјоделското земјиште.