Закон за технички барања за производите и оцена на сообразност

Во Службен весник бр.274/22 од 20.12.2022 година објавен е Законот за технички барања за производите и оцена на сообразност. Со овој закон се уредува начинот на пропишување на техничките прописи кои се однесуваат за техничките барања што одредени производи или група на производи мора да ги исполнуваат при нивно пласирање на пазарот и/или техничките барања при нивно користење за намената за кои се предвидени, обврските на економските оператори вклучени во ланецот на пласирање на производите на пазарот, постапките за оцена на сообразност на производите со пропишаните технички барања, условите што треба да ги исполнуваат телата за оцена на сообразност, документите и знаците за сообразност на производите, принципите и постапките за признавање на странските документи и знаци за сообразност, постапките за овластување и нотифицирање на телата за оцена на сообразност, следење на работата на телата за оцена на сообразност, водење на евиденција и известување за техничките прописи и телата за оцена на сообразност.

Овој закон се применува за производи или група на производи опфатени со техничките прописи, освен за производите за кои техничките барања се регулирани со посебни закони како и прописи донесени врз основа на тие закони.

Производот кој се пласира на пазарот на Република Северна Македонија мора да ги задоволува барањата за сообразност, барањата за документи и знаци за сообразност согласно со одредбите од овој закон, како и техничките барања, суштествените здравствени и безбедносни барања, барањата за постапките за сообразност, барањата за техничката документација и документите за сообразност, знаците и означувањето на сообразен производ, согласно со одредбите од применливите технички прописи кои се однесуваат на тој производ.

Целта на донесување на техничките прописи е утврдување на суштинските технички барања кои производот треба да ги исполнува и со истите да се обезбеди дека производите се безбедни кога се пласираат на пазар и се ставаат во употреба или се употребуваат согласно со нивната намена, а особено поради заштита на јавниот интерес, заштита на животот и здравјето на луѓето, животните и растенијата, заштита на животната средина и природата, заштита на потрошувачите и другите корисници на производите и заштита на имотот.

Техничките прописи ги донесува министерот за економија, односно министерот во чија надлежност утврдена со закон се работите поврзани со производството, пазарот, пуштањето во употреба, употребата или користењето на соодветните производи.

Оцената на сообразност на производи или група на производи кои се опфатени со хармонизираните технички прописи, може да вршат само:  акредитирани тела во состав на производител и овластени тела за оцена на сообразност.

Секој производ кој е сообразен со техничките прописи од европското хармонизирачко законодавство мора да биде означен со СЕ ознака за сообразност. CE ознаката за сообразност претставува буквена ознака ‘CE’ со следната форма: . Ако CE ознаката се намалува или зголемува, нејзините пропорции мора да се запазат. СЕ ознака се става само од производителот или од неговиот овластен застапник. СЕ ознаката се поставува само на производи за кои нејзиното поставување е утврдено со европско хармонизирачко законодавство и не смее да се поставува на ниту еден друг производ.