Евидентно е дека денешниот бизнис амбиент им налага на компаниите постојано да ја диверзифицираат својата понуда за да останат конкурентни на пазарот.
Диверзификацијата за компаниите претпоставува проширување на своето портфолио. Честопати, ова значи дека компанијата е спремна да купи или направи спојување со друга компанија која има различно портфолио, па оттаму преку таквата комбинација на услугите и/или стоките, го зацврсти своето место на пазарот.
Секоја компанија, а особено индустриските лидери, имаат спроведено купување/спојување во некој период од своето постоење со цел да превземат конкурент или да се пласираат на нов географски пазар или пак да пристапат кон правото на користење интелектулна сопственост и технологија која припаѓа на друга компанија.
Меѓутоа, она што е од исклучителна важност за компаниите при вакви потфати, е фактот дека покрај комерцијалниот елемент при договарањето, постои и правен момент кој мора да се запази. Имено, правните постапки кога се спојува или превзема контрола над компанија, се од суштинско значење.
Компаративно гледано, Merger and Acquisition (M&A) областа претставува една од најкомплексните (но и најпрестижни) области на правото. Зделките кои се предмет во оваа област неретко се предмети кои бараат експертиза и niche познавање на правниците во одредени бизнис сектори за да може да се процесира зделката.
Во Република Северна Македонија, согласно Законот за заштита на конкуренцијата (ЗЗК), вакви деловни потфати се регулирани преку институтот „Концентрации“. Законот уредува дека концентрација настанува со промена на контролата на компанијата на долгорочна основа.
Известувањето дека ќе се случи одредена концентрација компанијата треба да го пријави до Комисијата за заштита на конкуренцијата, доколку се исполнети условите од ЗЗК. Имено, ЗЗЗ предвидува 3 услови:
- ако заедничкиот вкупен годишен приход на сите претпријатија учесници во зделката, кој е остварен со продажба на стоки или услуги на светскиот пазар, го надминува износот од 10 милиони евра – остварен во деловната година што претходи на концентрацијата, а најмалку еден од учесниците е регистриран во Северна Македонија;
- Заедничкиот вкупен годишен приход на сите претпријатија учесници, остварен со продажба на стоки и/или услуги во Република Северна Македонија, го надминува износот од 2,5 милиони евра остварен во деловната година што претходи на концентрацијата;
- Пазарниот удел на еден од учесниците изнесува повеќе од 40% или вкупниот пазарен удел на учесниците во концентрацијата на пазарот изнесува повеќе од 60% во годината што и претходи на концентрацијата.
Компаниите треба особено да внимаваат на нивната обврска за известување. Компаниите кои ќе учествуваат во концентрацијата, се должни да достават Известување пред спроведување на концентрацијата, односно откако ќе го склучат договорот со кој настанува промена во контролата.
Воедно, компаниите имаат можност, во превентивна насока, за тоа дали таквата концентрација ќе биде дозволена, да достават Известување до Комисијата до за нивната сериозна намера да склучат договор, доколку спроведување на таков договор би исполнил услов за поведување постапка за концентрација. На овој начин предвремено, пред пристапување на решавање на комерцијалните прашања околу договор за спојување/превземање/купување и слично, компаниите можат да го решат правното прашање за дозволеност на зделката.
Известувањето за настаната концентрација е поднесок кој содржи голем број на елементи и информации за кои е потребна длабока анализа. Предметната концентрација бара од подносителот на Известувањето, т.е. од полномошникот Адвокат, да го дефинира релевантниот пазар на предметната концентрација.
Дефинирањето на релевантниот пазар само по себе претпоставува посложена материја отколку што иницијално звучи. Параметрите на дефиницијата се од значење за Комисијата кога истата ќе одлучува дали концентрацијата е дозволена, што значи треба да се внимава за Комисијата да ја прифати.
Дополнително, во Известувањето потребно е да се дадат и анализи за мрежното работење на компаниите, вклучувајќи ја и дистрибутивната мрежа ако ја имаат. Овој елемент е поврзан и со фактот дека треба да се илустрира корпоративната структура на компаниите учесници на вертикално, а некогаш и на хоризонтално ниво.
Поврзаноста на компаниите согласно корпоративната структура е од исклучително значење и во контекст на пресметка на вкупниот приход – а вкупниот приход е пак основа и суштински елемент за тоа дали постои услов за поведување концентрација или не.
Оттука, значајно е да се посочи дека целокупната содржина на Известувањето е меѓусебно поврзана и пропуст во еден елемент може да биде од значење за целата концентрација. Целокупната содржина е она според кое Комисијата ќе цени дали со таквата концентрација ефективно се или не се нарушува конкуренцијата на пазарот.
Па така, неспорно е дека прецизно и осмислено пишување на Известувањето за концентрацијата, имајќи ги предвид и правните, но и комерцијалните интереси на компаниите учесници, е апсолутно потребно и неопходно.