Во време кога цената на суровините и материјалите кои се користат во градежништвото секојдневно се менува на светските берзи, а во услови на градежна експанзија, од особено значење е секој член од договорот со кој се ангажира изведувач за изведување на граедежни работи за отпочнување со изградба на градба па се до до конечно предавање на градбата.
Една од најчестите клаузули кои се сретнуваат во договорите со кои се ангажира изведувач за изградба на определна градба како и во договорите кои се склучуваат со инвеститори за купување на недвижност која е во фаза на изградба – е клаузулата „клуч на рака“.
Клаузулата „клуч на рака“ е посебно дефинирана во Законот за облигациони односи и истата значи дека изведувачот самостојно се обврзува да ги изврши збирно сите работи потребни за изградба и употреба на определен целосен објект. Тоа значи дека доколку некој договор содржи клаузула „клуч на рака“, тогаш, договорената цена ја опфаќа и вредноста на сите непредвидени работи и вишоците на работите, а го исклучува влијанието на недостатоците.
Договорите кои ја содржат клаузулата „клуч на рака“ значи дека изведувачот треба да ги изведе сите работи до добивање на употребна дозвола и конечно предавање на изградениот објект до висина на договорената цена, односно, изведувачот не може да бара зголемување или измена на цената доколку се појават непредвидени работи кои треба да се изведат или доколку се појават вишок на работи кои треба да се изведат.
Сепак, Законот за облигациони односи предвидува и случаеви кои овозможуваат договорената цена да се измени и покрај постоењето на клаузулата „клуч на рака“ во договорот.
Еден од случаите кога договорената цена може да се измени е кога се изведуваат работи по барање на нарачувачот или инвеститорот, а кои работи не биле содржани во договорот или пак во проектот кој привично од нарачувачот или инвеститорот му бил доставен на изведувачот.
Втор случај кога изведувачот може да бара измена на цената е тогаш кога цената на елементите се зголемиле во толкава мера што цената на работите може да биде поголема за повеќе од 10%, при што, во ваков случај изведувачот може да ја бара само разликата во цената која преминува 10%, освен ако до зголемување на цената на елементите дошло по неговото паѓање во задоцнување. Доколку цената на елементите се зголемила за 10% во рокот до кога било предвидено изгрдба на градбата, но градбата не била завршена до тој рок по вина на нарачувачот, тогаш, изведувачот повторно има право на измна на цената иако работите се изведени по рокот навден во договорот склучен помеѓу нарачувачот и изведувачот.
Оттука, правилното дефинирање на клаузулата „клуч на рака“ и нејзиното почитување е од особено значење за да се избегнат сите недоразбирања кои би можеле да се појават помеѓу нарачувач и изведувач како и помеѓу купувач и инвеститор.