Во услови на се поголема мобилност на работната сила, се повеќе физички лица остваруваат приходи од работа, консултантски услуги, хонорари или други активности во странство.
Едно од најчестите прашања е дали овие приходи треба да се пријават и оданочат и во Република Северна Македонија, а одговорот зависи од даночниот статус на лицето, односно дали тоа се смета за даночен резидент согласно домашното законодавство.
Според Законот за данокот на личен доход, даночен резидент е физичко лице кое има постојано живеалиште во Република Северна Македонија или престојува на нејзината територија 183 или повеќе дена во кој било период од 12 месеци. Меѓутоа, при утврдувањето на резидентниот статус не е доволно да се земе предвид само формално пријавената адреса, туку особено значење има и центарот на животните и економските интереси на лицето, односно каде се наоѓа неговото семејство, недвижниот имот, професионалните активности и останатите трајни лични и економски врски.
Доколку едно лице има статус на даночен резидент, согласно Законот за данокот на личен доход, тоа има обврска да го пријави и оданочи својот “светски доход”, односно приходите остварени и во Република Северна Македонија и во странство. Ова правило се однесува на различни видови приходи, вклучувајќи приходи од работен однос, самостојна дејност, хонорари и други извори на доход кои се предмет на оданочување.
Во пракса не е невообичаено истиот приход да биде предмет на оданочување и во државата каде што е остварен и во државата на даночната резиденција.
За да се избегне двојното оданочување, Република Северна Македонија има склучено договори за одбегнување на двојно оданочување со голем број држави.
Дополнително, Законот за данокот на личен доход предвидува можност за користење даночен кредит, односно намалување на даночната обврска во Македонија за износот на данокот што веќе е платен во странство, под услов да се исполнети законските услови и да постои соодветна документација.
Во јавноста често постои заблуда дека престојот во странство подолг од 183 дена автоматски значи дека лицето нема даночни обврски во Македонија. Сепак, правилото од 183 дена не се применува автоматски и не е единствениот критериум за утврдување на даночната резиденција. Во зависност од конкретните околности и одредбите на применливиот договор за одбегнување на двојно оданочување, лицето и понатаму може да се смета за даночен резидент на Република Северна Македонија и да има обврска за пријавување на приходите остварени во странство.
Поради тоа, лицата кои остваруваат доход надвор од државата треба навремено да утврдат дали имаат статус на даночен резидент, дали со државата од која потекнува приходот постои договор за одбегнување на двојно оданочување и дали располагаат со докази за евентуално платениот данок во странство.
Правилната примена на овие правила овозможува исполнување на законските обврски и избегнување на непотребни даночни ризици.
Исто така, важно е да се има предвид дека Управата за јавни приходи има законско право да утврдува даночни обврски за непријавени приходи и за претходни даночни периоди.
Согласно општите правила, правото на утврдување данок застарува по истекот на пет години, поради што навременото исполнување на даночните обврски е од особено значење.

