„Rasputin”, „Daddy Cool”, „Mambo No. 5”, „Forever Young” и уште неколку музички дела предмет на судски спор за авторски права и вештачка интелигенција

На 31 јули 2026 година, Регионалниот суд Минхен I донел значајна пресуда во првиот европски случај поврзан со повреда на авторски права во контекст на алатки за генерирање музика со вештачка интелигенција. Станува збор за предмет поведен по тужба поднесена GEMA (Германско здружение за колективно остварување на авторски права во музиката) против SUNO AI (американска компанија што нуди алатка на вештачка интелигенција за создавање на целосни музички дела).

Предмет на спорот биле шест музички дела, меѓу кои Rasputin, Daddy Cool, Forever Young, Big in Japan, Atemlos durch die Nacht и рефренот од Mambo No. 5. Според тврдењата на GEMA, SUNO AI ги користел овие дела за тренирање на својата алатка за вештачка интелигенција и дека истата репродуцирала препознатливи елементи од делата во генерираните резултати.

Судот во најголем дел ги прифати барањата на GEMA, утврдувајќи, меѓу другото, дека делата биле репродуцирани во САД за цели на тренирање на алатката, дека препознатливи елементи од делата биле меморирани во алатката за вештачка интелигенција и складирани на сервери во Германија и дека генерираните резултати претставувале повреда на авторските права. Судот не го прифатил аргументот на SUNO AI дека делата биле користени исклучиво во процесот на тренирање, без нивно зачувување во алатката.

Судот, повикувајќи се на одредби од германскотo право што се однесуваат на месната надлежност за правни лица во областа на уредување на авторските права, утврди дека има меѓународна надлежност за одлучување и во однос на дејствијата преземени во САД. На активностите поврзани со тренирањето на алатката во САД, судот го применил американското авторско право и го отфрлил повикувањето на SUNO AI на доктрината на fair use (која овозможува неовластено користење на авторски дела во одредени ситуации, во зависност од околностите). За дејствијата што се случувале во Германија, судот го применил германското авторско право.

Пресудата во корист на GEMA сè уште не е правосилна и може да биде предмет на жалба. Сепак, таа претставува значаен чекор во развојот на правната рамка за користење на авторски заштитени дела при тренирање на системи со вештачка интелигенција, како и за односот помеѓу авторското право и вештачката интелигенција.

Leave a Reply