Во јули 2026 година, Владата на Република Северна Македонија предложи донесување на Закон за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, со кој се воспоставува формализиран механизам за проценка на одредени странски инвестиции од аспект на нивното потенцијално влијание врз националната безбедност, јавниот ред и стратешките интереси на државата.
Основната цел на предложеното законско решение не е ограничување на странските инвестиции, туку воспоставување механизам преку кој државата ќе може навремено да ги идентификува и оцени инвестициите кои, поради природата или структурата на инвестицијата, можат да претставуваат потенцијален ризик. На овој начин, прашањето на странската инвестиција се проширува надвор од корпоративната и регистрациската рамка и добива и аспект на национална безбедност и заштита на стратешките интереси.
Согласно предложените законски одредби, странска директна инвестиција би се однесувала на вложување со кое странскиот инвеститор стекнува најмалку 10% од уделот во основната главнина и/или гласачките права, кога инвестицијата овозможува ефективно учество или контрола, при што вредноста на инвестицијата би требало да изнесува најмалку 50.000,00 евра.
Особено значајно за инвеститорите е воведувањето обврска за пријавување на инвестициите кои ги исполнуваат условите утврдени со Предлог-законот. Во зависност од конкретниот случај, стекнувањето удел или право на глас во домашно друштво би можело да биде предмет на претходна проверка, што во практиката значи дека за одредени трансакции ќе биде потребно претходно да се спроведе постапка за проверка и да се добие одобрение од надлежните институции.
Предвидениот систем подразбира вклучување на повеќе институции во оценувањето на инвестицијата, со цел одлуката да не се заснова исклучиво на економски критериуми, туку и на безбедносни, финансиски и други релевантни аспекти. Конечното одлучување е предвидено да биде во надлежност на Владата, при што инвеститорот има можност за судска заштита преку поведување управен спор.
Од аспект на правната сигурност, клучно прашање ќе биде практичната примена на критериумите за проценка на ризик. Колку попрецизно ќе бидат определени категориите инвестиции кои подлежат на проверка, роковите за постапување и условите под кои инвестицијата може да биде одобрена, толку поголема ќе биде предвидливоста за странските инвеститори. Истовремено, неопходно е постапката да биде ефикасна и пропорционална, со цел дополнителните регулаторни барања да не претставуваат непотребна административна пречка за легитимните инвестиции.
Предлог-законот, следствено, претставува значаен чекор кон усогласување на националната регулаторна рамка со современите практики за скрининг на странски инвестиции. Неговата практична вредност, сепак, ќе се оцени преку неговата имплементација – особено преку воспоставувањето јасни правила, институционална координација и транспарентна и предвидлива постапка за инвеститорите.

