Друштвото со ограничена одговорност (ДОО) е една од најчестите форми на организирање на деловна активност, пред сè поради релативно едноставната постапка за основање, релативно ниската минимална основна главнина, флексибилната организациска структура и токму поради овие причини, оваа форма на трговско друштво претставува најчесто избрана форма на трговско друштво за мали и средни претпријатија, како и за странски инвеститори кои сакаат да започнат деловна активност во Република Северна Македонија.
Од самиот назив „ДРУШТВО СО ОГРАНИЧЕНА ОДГОВОРНОСТ“ се поставува прашањето на кого се однесува ограничувањето на одговорноста во работењето на друштвото – дали на содружниците како сопственици или на управителите кои управуваат со друштвото.
Согласно Законот за трговски друштва, содружниците не одговараат за обврските на друштвото. Ова значи дека за обврските кои друштвото ги презема во своето редовно работење, одговара само друштвото со целиот свој имот. Доверителите на друштвото не можат да бараат намирување на своите побарувања од личниот имот на содружниците. Ризикот на содружникот е ограничен само на износот на влогот што го презел, обврска да го уплати во основната главнина на друштвото. Сепак, законот предвидува повеќе исклучоци и специфични ситуации во кои содружниците можат да имаат лична, па дури и неограничена солидарна одговорност.
Од друга страна пак, иако управителот може да биде и содружник, неговата одговорност произлегува примарно од функцијата на управување и законско застапување. Законодавецот предвидува повеќе законски решенија за лична и неограничена одговорност на управителот во случаи на незаконско, несовесно или нелојално постапување. Оваа одговорност може да биде од граѓанскоправна, прекршочна, па дури и од кривичноправна природа.
Основната должност на управителот е да ги води работите на друштвото со внимание на уреден и совесен трговец и да ја чува деловната тајна. Овој стандард подразбира постапување со внимание на „добар домаќин“, односно управителот треба да дејствува информирано, со разумна грижа и со вештина што се очекува од лице на таква позиција. Секое отстапување од овој стандард, без разлика дали е резултат на намера или небрежност, може да доведе до негова лична одговорност.
Управителот одговара лично и неограничено за штетата што ќе ја предизвика со работење спротивно на закон, други прописи или актите на друштвото. Доколку има повеќе управители, тие одговараат солидарно спрема друштвото и третите лица.
Одговорност може да настане во повеќе ситуации:
- Кога управителот за своја или за туѓа сметка врши дејности што спаѓаат во предметот на работење на друштвото, кога е содружник, член на орган на управување, член на надзорен одбор или контролор во друго друштво со ист или сличен предмет на работење, како и кога врши деловни активности за своја или за туѓа сметка во просториите на друштвото;
- Кога управителот со дејствија или пропуштања ќе му нанесе штета на друштвото, на пример со склучување штетни договори, пропуштање деловни можности или неправилно располагање со имотот;
- Кога поради неажурно или неточно водење на книгата за удели и поради внесување погрешни податоци при основањето на друштвото се предизвикува штета на друштвото, содружниците или доверителите.
- Кога управителот, во име на друштвото, презема обврски без да има овластување за тоа, како и кога работи спортивно на одредбите на законот и другите прописи и не го почитува на Актот за основање.
Оттука, позицијата управител носи значителна лична одговорност. Управувањето со друштво бара внимателно постапување, постојано следење на законските обврски и, кога е потребно, консултирање со правни и финансиски експерти. Ограничената одговорност на содружниците е привилегија на оваа форма на друштво, но таа престанува таму каде што започнува незаконското или несовесното постапување.

