Уредување на начинот на донесување на одлуки согласно Законот за домување

Регулаторната комисија за домување со цел доуредување на некои прашања од нејзината надлежност донесе Правилник за донесување одлуки на сопствениците на посебни делови, избор на управител или заедница на сопственици и раскинување на договор за вршење управувачки услуги во станбените згради објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 231/2025 од 14.11.2025г.

Со донесениот Правилник се уредува начинот на донесување одлуки на сопствениците на посебни делови, избор на управител или заедница на сопственици и раскинување на договор за вршење управувачки услуги во станбените згради. Согласно правилникот, уредено е дека сопствениците на посебните делови донесуваат одлуки за работи кои се однесуваат на одржувањето и управувањето со станбената зграда на Собир на сопственици или со потпишување на изјава на која е запишан предлогот на одлуката.  Седницата на Собирот на сопственици освен со физичко присуство, доколку има согласност од мнозинството на сопствениците на посебните делови од зградата според сопственичките делови, може да биде организирана и со користење на конференциска, телефонска врска или со користење на друга интернет аудио и визуелна комуникациска опрема.


Со правилникот е регулирано дека присутните сопственици на посебните делови од зградата се должни да се потпишат во Списокот на сопственици на посебните делови додека лицето кое што ги доставува податоците до правниот субјект со кој се склучува договор вршење управувачки услуги или договорот се раскинува пополнува Изјава за веродостојност на податоците под морална, материјална и кривична одговорност, заверена на нотар.


Во одредбите на правилникот е предвидено дека списокот на сопственици на посебните делови од зграда мора да содржи број на стан, број на Имотен Лист, м2 на посебниот дел, име и презиме и скратен потпис на сопствениците на посебни делови, датум на донесување, контакт телефон и/или емаил адреса.

Со донесениот правилник, исто така е уредено дека сопствениците на посебни делови можат да донесат одлука во врска со управувањето и одржувањето на станбената зграда, за избор или раскинување на договор со управител или заедница на сопственици, единствено доколку одлуката ја изгласале мнозинството на сопствениците на посебните делови од зградата според сопственичките делови, односно сопствениците кои поседуваат повеќе од половината од посебните делови на станбената зграда. По исклучок, сопствениците на посебни делови од зградата за одлуката можат да се произнесат и со потпишување Изјава на која задолжително треба јасно да се прецизира содржината на одлуката, име и презиме и скратен потпис на сопственикот, број на стан, датум на донесување и потпишување на одлуката, контакт телефон и/или емаил адреса.

Покрај останатите прашања, во одредбите на правилникот е утврдено дека одлука за раскинување на договор за вршење управувачки услуги може да донесе и самиот управител со писмено известување до Собирот на сопствениците со отказен рок во траење не подого од два месеци.

Целта на донесувањето на Правилникот од страна на регулаторот е со ваквото детално уредување на начинот на донесување на одлуки на сопствениците на посебни делови од станбена зграда, да се разрешат спорните прашања и проблемите со кои се соочуваат сопствениците на посебните делови од зграда во секојдневното функционирање. Од друга страна, со донесувањето на правилникот се унифицира начинот на донесување на одлуки и документацијата која што е потребна да се подготви и поднесе до Регулаторната комисија за домување, како надлежно тело од оваа област.