Производителот на кондиторски производи Катјес Фассин ГмбХ (Katjes Fassin GmbH) беше одбиен од Европскиот завод (ЕУИПО) за поднесената пријава за трговска марка Touch your boobs.
Согласно одлуката на Европскиот завод (ЕУИПО) од ноември 2025 година, пријава за трговска марка може да биде одбиена доколку истата е спротивна на јавниот поредок или прифатливите принципи на моралот. Ова особено доколку од нејзината навредлива или сексуална природа јавноста ја перцепира марката како спротивна на фундаменталните морални вредности и општествени стандарди.
Со ова образложение Европскиот завод (ЕУИПО) ја има одбиено пријавата за трговска марка Touch your boobs, иако подносителот Катјес Фассин ГмбХ (Katjes Fassin GmbH) јасно навел дека не станува збор за ништо вулгарно, туку напротив дека со овој слоган се водат голем број кампањи кои поттикнуваат самопроверка од страна на жените со цел рана детекција на рак на дојките. Подносителот тврдел дека потрошувачите нема да ја разберат и поврзат трговската марка Touch your boobs со нешто сексуално, туку само во смисла на превенција.
Сепак, Европскиот завод (ЕУИПО) во своја одбрана навел и дека за трговската марка се бара заштита во класите на кондиторските производи и истата би била аплицирана на бомбони произведени од подносителот кои се продаваат и на деца. Оттука е неспорно за Европскиот завод (ЕУИПО) дека од аспект на децата оваа марка е спротивна на моралните стандарди.
Имајќи го во вид фактот дека и нашиот Закон за индустриска сопственост содржи иста одредба во поглед на апсолутните причини за одбивање на пријава за трговска марка, сметаме дека постапувањето по пријавата за трговска марка би имало ист исход и кај нас, но треба да се земе во вид дека интенцијата на марката не е повреда на моралните норми, особено што децата уште од најрана возраст се едуцираат на овие теми. Па така сметаме дека и одлучувањето на органите и телата за заштита на правата од индустриска сопственост треба да еволуира во чекор со општествените трендови.

