Меѓународната трговска арбитража е начин на решавање на споровите, која завршува со донесување на одлука за предметот на спорот, којашто е задолжителна за странкитe во спорот и по кој странките најчесто доброволно постапуваат.
Независно од предностите што меѓународна арбитража ги нуди на странките, ефикасноста на овој начин на решавање на споровите зависи, во прв ред, од можноста за брзо и ефикасно признавање и извршување на арбитражните одлуки. Токму поради ова, голем број меѓународни конвенции кои ја регулираат меѓународната трговска арбитража најголемо значење придаваат на признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки.
Во Република Северна Македонија прашањето за признавање и извршување на странските арбитражни одлуки е регулирано со Законот за меѓународна трговска арбитража на Република Македонија, кој не нуди поразлични решенија од она што е предвидено во Њујоршката конвенција за признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки, од 10 јуни 1958 година.
Согласно член 37 став 3 од Законот за меѓународна трговска арбитража на Република Македонија, предвидено е дека:
„На признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки, ќе се применуваат одредбите на Конвенцијата за признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки потпишана на 10 јуни 1958 година во Њујорк (“Службен лист на СФРЈ, Меѓународни договори” бр. 11/81).“
Њујоршката конвенција превидува два вида услови за признавање и извршување на странските арбитражни одлуки:
- Формални:
- прописно заверен оригинал на одлуката, или препис на тој оригинал, што ги исполнува сите услови потребни за неговата автентичност;
- оригинал на договорот, или препис од арбитражната спогодба, што ги исполнува сите потребни услови за негова автентичност; и
- превод од овластен преведувач на горенаведените документи ако истите не се составени на службен јазикот на земјата во која се бара нивно признавање и извршување.
- Мериторни кои се делат на два вида претпоставки (услови):
- услови чие постоење се утврдува по иницијатива на странките – според кои ќе се одбие признавањето на арбитражната одлука, ако странката која се противи на признавањето докаже дека: не постои полноважна арбитражна спогодба или некоја од странките е неспособна за склучување на арбитражна спогодба; ако постои непочитување на правото на одбрана; ако постои пречекорување на мандатот на арбитражата; ако постои повреда на правилата на арбитражната постапка; ако арбитражната одлука не е задолжителна за странките или истата е поништена од земјата од која потекнува, и
- услови чие постоење се утврдува по службена должност ex officio – согласно кои признавањето на странската арбитражна одлука ќе се одбие ако спорот не бил подобен да се решава по пат на арбитража (не бил арбитрабилен) и признавањето и извршувањето на арбитражаната одлука би било спротивно на правниот поредок на Република Северна Македонија.
Земајќи ги во предвид сите овие претпоставки (услови) ќе се одлучи дали ќе биде призната и извршена странската арбитражна одлука во Република Северна Македонија.

