Измени во Законот за безбедност на сообраќајот

Во Службен весник на Република Северна Македонија  бр. 193/2025 од 18.09.2025 година објавени се измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот. Новите законски решенија се воведуваат со цел да се  елиминираат  одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила, да се зголеми безбедноста и да се намалат понатамошните прекршоци, ризици и загуби на човечки животи во сообраќајот.  

Согласно измените утврдени во донесениот закон, возачот на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред, со кој би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови. Со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе се казни возачот кој постапува спротивно на одредбите на законот.

Согласно донесените законски решенија, пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента.

Покрај останатото, превидено е возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото дека не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови.

Со донесените измени и и дополнувања на законот, се регулираат и висините на глобите за физичките лица како сторители на прекршоци во областа на безбедноста на сообраќајот, бидејќи поради зголемениот број на сообраќајни прекршоци со потешки последици, констатирано било дека сегашните глоби не се соодветни за ваков вид прекршоци, а се предвидени и потешки казни и глоби за возачите на моторни возила.