Измени и дополнување на Законот за странци

Во Службен весник на Република Северна Македонија број 193 од 18.09.2025 објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за странци кој почнува со примена во рок од осум дена од денот на објавувањето во Службен весник.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за странци најголемиот дел на измени и дополнувања се однесуваат на постапките за добивање на дозвола за привремен престој на странец по основ на вработување и упатување.

Како позначајни измени регулирани со Законот за изменување и дополнување на Законот за странци се издвојуваат следните:

  • При прво аплицирање за добивање на дозвола за привремен престој на странец по основ на вработување или упатување, се доставува доказ дека странецот е неосудуван и не се води кривична постапка против странецот во државата во која престојувал во годината пред поднесување на барањето за привремен престој, што се докажува од документите кои се издаваат во зависност од државата
  • При продолжување на дозволата за привремен престој по основ на вработување, барањето за продолжување на дозволата за привремен престој се поднесува не порано од 90 дена пред истекот на привремениот престој или најдоцна пет дена пред истекот на привремениот престој, ако се исполнети условите од членот 72, привремениот престој се продолжува, при што секое продолжување не може да биде подолго од една година.
  • Привремен престој заради работа ќе се одобри врз основа на барање на странец, барање на правното лице со кое странецот склучил договор за вработување или од него овластен претставник, кое може да се поднесе и во Министерството за внатрешни работи. Со барањето истовремено се доставува и гаранција за странецот со кој е склучен договор за вработување. Со гаранцијата, правното лице поднесува писмена изјава, со која се обврзува дека ќе ги сноси трошоците за престојот и сместувањето на странецот, како и трошоците за присилно отстранување на странецот од територијата на Република Северна Македонија, доколку тие не можат да се наплатат од странецот. Гаранцијата треба да содржи и информации за странецот (име и презиме на странецот, датум на раѓање, државјанство на странецот, информации за патна исправа), информации за правното лице кое дава гаранција (назив на правно лице, седиште на правното лице, единствен матичен број на субјектот и единствен даночен број, потпис и печат на одговорното лице во правното лице кое го повикува странецот, причината поради која се повикува странецот во Република Северна Македонија, како и други податоци кои се од важност во постапката. Гаранцијата задолжително треба да биде заверена на нотар.
  • Доколку документацијата доставена до Министерството за внатрешни работи е некомплетна, Министерството за внатрешни работи ќе го извести подносителот на барањето за одобрување на привремен престој дека документацијата е некомплетна, со цел комплетирање во рок од седум дена од денот на известувањето. Доколку не се постапи по известувањето и во рокот од седум дена не се комплетира бараната документација, Министерството за внатрешни работи донесува решение за одбивање на барањето за одобрување на привремен престој.
  • По исклучок, привремен престој заради работа ќе се одобри и на странец кој работи на стратешки проекти утврдени со посебен закон, независно од искористеноста на квотата и моменталните потреби на пазарот на труд во Република Северна Македонија, односно без издавање на мислење од страна на Агенцијата. За странец кој работи на стратешки проекти утврдени со посебен закон, се издава потврда дека правниот субјект е со статус на стратешки партнер каде работи странецот. Потврдата дека правниот субјект е со статус на стратешки партнер каде работи странецот, ја издава Министерството за економија и труд.
  • По однос на издадено мислење од Агенцијата, одговорните лица во правниот субјект каде странецот е работно ангажиран задолжително вршат пријавување на почетокот на работата, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изготвување на дозволата за привремен престој за странецот. Министерството за внатрешни работи на месечно ниво доставува известување до Агенцијата за изготвените дозволи за привремен престој.
  • Во постапката за продолжување на привремен престој заради работа со цел добивање на позитивно мислење од Агенцијата, барањето треба да се поднесе во период на важност на претходно издаденото мислење, но не порано од 90 дена пред истекот на истото.
  • Странско правно лице може привремено да ги упати своите работници во Република Северна Македонија, заради давање на услуга врз основа на склучен договор со клиент од Република Северна Македонија, во период не подолг од 180 дена, со исклучок за странец ангажиран во правен субјект со статус на стратешки партнер кој може да биде упатен на работа во Република Северна Македонија во периодот на имплементирање на проектот, но не подолго од една година, со можност за продолжување на привремениот престој.

За постапките започнати до денот на влегувањето во сила на предметниот закон а кои се однесуваат за издавање на одобрение за привремен престој ќе се применуваат одредбите од Законот за странци (Службен весник на РМ број 97/18 и Службен весник на РСМ број 108/19, 294/21 и 284/23)

Leave a Reply