Зголемување на бројот на групни тужби како резултат на развојот на вештачката интелигенција

Напредокот на технологијата, а посебно на вештачката интелигенција претставува главен мотив за суштински промени во сферата на правото. Како резултат на тоа, во светски рамки, а посебно во common law правните системи се забележува тренд на пораст на спорови тесно поврзани со начинот на употреба на вештачката интелигенција. Особено интересни се предметите поведени со т.н. групни тужби (class action) што овоможуваат заштита на правата на поголема група субјекти, меѓусебно поврзани со исти правни и фактички прашања, во една, поефикасна судска постапка.

Со оглед на фактот што употребата на вештачката интелигенција е зачестена до ниво на секојдневие, не зачудува и фактот што настануваат голем број на ситуации во кои крајните корисници сметаат дека некои нивни права се повредени. Како резулатат на тоа, се поведуваат голем број на спорови, во кои важна улога има институтот на групна тужба.

Во САД се покренати повеќе групни тужби што како предмет на спорот го имаат начинот на употреба на вештачка интелигенција во однос на биометриската приватност и надзор. Како тужени компании во ваквите спорови се јавуаат големи, светски познати компании како Amazon, Home Depot, како и Clearview AI, која се согласила да плати износ од нешто повеќе од 51 милиони долари на група тужители како резулат на повреди при употребата на вештачка интелигенција за собирање фотографии од лица на поединци од јавно достапни веб-страници.

Низа на групни тужби се поднесени и како резултат на лажно претставување на улогата на вештачката интелигенција во производите или услугите што компаниите ги нудат на пазарот. Меѓу нив, најголем е предметот против операторот на вештачка интелигенција Anthropic, каде неколку автори (со можност бројот да се зголеми до седум милиони тужители) истакнале дека нивните дела заштитени со авторски права биле неовластено користени од Anthropic за обука на Claude, чет-бот со вештачка интелигенција.

Овие податоци покажуваат дека употребата на вештачката интелигенција доведува до популаризирање на правни институти што порано имале релативно ограничена примена. Додека бројот на групни тужби за спорови повразни со вештачката интелигенција во САД значително се зголемува, останува да се види дали овој тренд ќе се прошири и во Европа, особено ако се има предвид Директивата за репрезентативни тужби што ја дава оваа можност и на граѓаните на Европската Унија.