Во време на постојан развој на техонологијата, правото мора постојано да го одржува чекорот и да обезбеди регулација на новите технолошки иновации. Самиот напредок на технологијата овозможува да се постигне повисок степен на дигитализација и напуштање на хартиените документи, своерачни потписи и мастилни печати. Тука доаѓаат до израз електронските документи, електронскиот печат и електронскиот потпис.
Во Република Северна Македонија, во сила е Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се уредуваат создавањето, складирањето и обработката на електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги, употребата на електронските документи, електронскиот потпис и електронскиот печат и електронските доверливи услуги во управни и судски постапки, како и условите под кои се признаваат средствата за електронска идентификација издадени на физички и правни лица кои спаѓаат во рамки на регистрирана или признаена шема за електронска идентификација.
Овој Закон го дефинира електронскиот документ како секоја содржина складирана во електронска форма, особено текстуални или звучни, визуелни или аудио-визуелни записи, а електронскиот потпис како збир на податоци во електронска форма кој е придружен кон или е логички поврзан со други податоци во електронска форма и кој потписникот го користи за потпишување.
Согласно одредбите од Законот, електронскиот документ има иста правна и доказна сила како и писмената форма на документот. На овој начин се обебедува повисок степен на дигитализација во правниот промет. Дополнително, преку можноста документите да се потпишуваат со електронски потпис, се поедноставуваат низа процеси. Во Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги предвидено е дека доказната сила на електронскиот потпис не може да се оспорува само затоа што е употребен во електронски облик или затоа што ги исполнува условите за квалификуван електронски потпис, а квалификуваниот електронски потпис има иста правна и доказна сила како и своерачниот потпис.
Електронсите потписи и печати ги издаваат даватели на доверливи услуги чиј начин на работа и услови што треба да ги исполнуваат се уредени со самиот Закон како и со подзаконски акти донесени врз основа на Законот.
Во таа смисла, иако сѐ уште постојат ограничувања пропишано со посебни закони, во однос на полето на употреба на електронскиот потпис и важноста на електронските документи, Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги овозможува повисок степен на дигитализација и ја зајакнува доказната сила на електронските документи и полето на примена на електронскиот потпис во правниот промет во Република Северна Македонија.