Собранието на Република Северна Македонија на ден 27.06.2025 година го донесе новиот Закон за електронските комуникации, кој е објавен во Службен весник на Република Северна Македонија број 135/2025 од 4 јули 2025 година.
Согласно член 226 од новиот Закон за електронските комуникации со наслов „Престанок на важање на постојните одредби за задржување на податоци и заштита и безбедност на податоците“, со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат членовите 176, 177 и 178 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ број 39/14, 188/14, 44/15, 193/15, 11/18 и 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19, 153/19, 92/21, 222/24 и 59/25).
Во членот 227 од новиот Закон за електронските комуникации со наслов „Престанок на важење на постојниот закон“ е предвидено дека со денот на започнувањето на примената на овој закон престанува да важи Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ број 39/14, 188/14, 44/15, 193/15, 11/18 и 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19, 153/19, 92/21, 222/24 и 59/25).
Во завршната одредба од член 228 од новиот Закон за електронските комуникации е пропишано дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, односно на 12 јули 2025 година, а ќе започне да се применува од 1 јуни 2026 година, освен членовите 205, 206 и 207 од овој закон, кои ќе започнат да се применуваат со денот на влегувањето во сила на овој закон.
Одредбите од членовите 205, 206 и 207 од новиот Закон за електронските комуникации се однесуваат на обврската на операторите за задржување на податоци, заштита и безбедност на податоците, како и на видовите на податоци што се задржуваат. Овие одредби се всушност пандан на одредбите од членовите 176, 177 и 178 од досегашниот Закон за електронските комуникации, кои со влегувањето во сила на новиот Закон за електронските комуникации престануваат да важат.
За разлика од одредбите од членовите 176, 177 и 178 од досегашниот Закон за електронските комуникации, во членовите 205, 206 и 207 од новиот Закон за електронските комуникации се предвидени следните измени:
Во членот 205, став 3 од новиот Закон за електронските комуникации е предвидена обврска за операторите задржаните податоци и сите други неопходни информации што се однесуваат на овие податоци, по барање да им ги достават на надлежните органи, под услови и постапка утврдена или со посебен закон или врз основа на барање на надлежен јавен обвинител или судска одлука.
Во членот 206 од новиот Закон за електронските комуникации е предвиден рок од 12 месеци за чување на задржаните податоци, а по истекот на рокот од 12 месеци од датумот на извршената комуникација и/или нивното генерирање, податоците се уништуват од страна на операторите. Во став 5 од истиот член е пропишано дека „податоците до кои што било пристапено и биле зачувани согласно со член 205 став (3) од овој закон, се уништуваат по завршување на судска постапка со правосилна одлука или по истекот на роковите предвидени во Законот на кривичната постапка, за водење на предистражна и истражна постапка.
Во членот 207 од новиот Закон за електронските комуникации се утврдени видовите на податоци што се задржуваат.
Една од причините за донесувањето на новиот Закон за електронските комуникации е целосно усогласување со NIS 2 Директивата на Европската Унија за мрежна и информациска безбедност, чијшто примарен фокус е сајбер безбедноста, но и собирањето, складирањето и обработката на личните податоци неопходни за целите на сајбер безбедноста.
Целта на новиот Закон за електронски комуникации е поттикнување на развојот на јавните електронски комуникациски мрежи и услуги во Република Северна Македонија, со цел да се обезбеди економски и социјален развој, поттикнување на користењето и развојот на широкопојасен пристап до услуги (broadband), заштита на правата на корисниците, вклучувајќи ги крајните корисници со попреченост и крајните корисници со посебни социјални потреби, обезбедување на ефикасна и одржлива конкуренција на пазарот за електронски комуникации, обезбедување на универзална услуга, ефикасно користење на радиофреквенцискиот спектар и нумерацијата, унапредување на развојот и поттикнување на инвестиции во јавните електронски комуникациски мрежи со воведување на нови технологии и услуги, а особено со воведување на следни генерации на јавни електронски комуникациски мрежи со многу висок капацитет и обезбедување на доверливост на комуникациите.
Оттука, со новиот Закон за електронски комуникации се очекува не само да се зајакнат правата на корисниците, туку и да се обезбеди повисоко ниво на заштита на личните податоци, поголема конкурентност и регулаторна сигурност, но и поголема транспарентност и ефикасност во работењето на операторите.