Измени на Законот за урбанистичко планирање

Собранието на Република Северна Македонија на ден 24.06.2025 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, кој е објавен во Службен весник на Република Северна Македонија број 127/2025. Согласно член 7 од горенаведениот Закон, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Со новите измени на Законот за урбанистичко планирање се воведуваат нови правила за урбанистичко планирање и се носат значајни измени на Законот за урбанистичко планирање кои предвидуваат јасна поделба на надлежностите, особено во поглед на изработката на урбанистичките планови и стручната ревизија на истите.

Како значајна измена која се носи со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање е измената на член 48, став 7 од Законот за урбанистичко планирање кој сега гласи: „Правното лице кое врши стручна ревизија на урбанистички план, не може да биде истото правно лице кое го изработило планот предмет на стручна ревизија, ниту да е сопственик, управител или вработен во правното лице изработувач на истиот урбанистички план.“

Ова значи дека со новите измени на Законот за урбанистичко планирање нема да може исто правно лице, ниту пак негов сопственик, управител или вработен да биде вклучено и во изработката и во ревизијата на ист урбанистички план. Со оваа измена треба да се овозможи поголема транспарентност, независност и правна сигурност при изработката и ревизјата на урбанистичките планови.

Со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање се носи измена на  членот 61, став 1 на Законот за урбанистичко планирање во поглед на тоа кои правни лица можат да изработуваат урбанистички проект, при што сега истиот гласи: „Урбанистички проект можат да изработуваат правните лица со лиценца за изработување на урбанистички планови согласно членот 68 од овој закон.“

Особено значајни измени се носат со членот 4 од овој закон со кој всушност се менува членот 63 од Законот за урбанистичко планирање. Имено, со членот 63 од Законот за урбанистичко планирање се менуваат одредбите со кои се уредува постапката за изготвување и одобрување на урбанистички проект со план за парцелација заради спроведување на детален урбанистички план, урбанистички план за село или урбанистички план вон населено место, но исто така се носат и измени во поглед на надзорот врз изработката на урбанистички проекти надвор од населени места.

Постапката за изработување и одобрување на урбанистичкиот проект со план за парцелација се спроведува во електронска форма, а барател за изготвување на урбанистички проект со план за парцелација може да биде сопственикот, сопствениците или сосопствениците на градежното земјиште во случаите кога проектниот опфат зафаќа една градежна парцела оформена од повеќе катастарски парцели од различни сопственици или сопственикот/сопствениците на една градежна парцела кога проектниот опфат зафаќа повеќе градежни працели за препарцелација, како и сопствениците на градежно земјиште кои имаат во сопственост повеќе од 30% од градежната парцела или сопствениците на градежно земјиште под објект во градежната парцела, доколку останатиот дел од градежното земјиште во парцелата и во двата случаја е во сопственост на Република Северна Македонија. Барателот ги финансира изработката на урбанистичкиот проект со план за парцелација и изработката на стручната ревизија на истиот проект.

 Постапката за изработување на урбанистички проект со план за парцелација ја започнува правно лице кое ги исполнува условите од членот 68 од овој закон и е овластено со полномошно од страна на барателот за изготвување на урбанистички проект со план за парцелација, со доставување барање за одобрување на изработка на урбанистички проект со план за парцелација, кон кое приложува докази за сопственоста на градежното земјиште, проектна програма со скица на предлог-планот за парцелација и новата диспозиција на површините за изградба во проектниот опфат, извод од урбанистички план, елаборат за нумерички податоци и/или елаборат за ажурирана геодетска подлога, полномошно и административна такса, кои се проследуваат до Комисијата за урбанизам на надлежниот орган од членот 38 од овој закон. А доколку има планирана или постојна инфраструктура во проектниот опфат, кон барањето се доставува и мислење од надлежниот субјект од членот 47 на овој закон.

Изготвениот урбанистички проект со план за парцелација изработувачот го доставува до правното лице кое ги исполнува условите од членот 68 од овој закон за вршење стручна ревизија, со цел вршење стручна ревизија на урбанистичкиот проект со план за парцелација. Правно лице кое врши стручна ревизија на урбанистичкиот проект со план за парцелација, не може да биде правното лице кое го изработило истиот проект, ниту да е сопственик, управител или вработен во правното лице изработувач на урбанистичкиот проект со план за парцелација.

Изработувачот на урбанистички проект со план за парцелација преку информацискиот систем е-урбанизам доставува барање за одобрување на ревидиран урбанистички проект со план за парцелација со сите негови составни и структурни делови согласно со Правилникот за урбанистичко планирање од членот 24 од овој закон.


 Комисијата за урбанизам на надлежниот орган од член 38 од овој закон во рок од 20 работни дена по доставениот урбанистички проект со план за парцелација од став (16) на овој член, се произнесува со позитивно мислење со предлог за одобрување на истиот или, доколку има недостатоци, го доставува до изработувачот со известување за констатирани недостатоци.


 Урбанистичкиот проект со план за парцелација и предлогот за одобрување на истиот со позитивно мислење изготвено од страна на Комисијата за урбанизам на надлежниот орган од член 38 од овој закон, се доставува до Советот на Општината, кој може да го донесе или да не го донесе, со одлука на Советот, а се одобрува со потврда за заверка од страна на надлежниот орган односно министерот/градноначалникот.

Со овие измени на Законот за урбанистичко планирање се очекува да се надминат досегашните недостатоци на постапката за  изработка и  одобрување на урбанистичките проекти, но и да се обезбеди поефикасна реализација на урбанистичките планови.

Leave a Reply