LACOSTE не успеа во обидот да го огласи за ништовно решението за заштита на трговска марка против тајландска пивница пред тајванскиот завод за интелектуална сопственост

Во современото општество на постојани иновации и зголемена потреба од квалитетен маркетинг, сѐ поголемо значење добива правото на интелектуална сопственост. Бидејќи заштитата на трговските марки е еден од предусловите за создавање на успешен и препознатлив бизнис, вреден за споменување е случајот на Lacoste против тајландската пивница Full Moon Brewworks Co. Ltd., во однос на заштитата на трговската марка „CHA LA WAN PALE ALE & device“.

Станува збор за предмет пред Тајванскиот завод за интелектуална сопственост, кој во јануари 2024 година ја одобрил заштитата на трговската марка на пивницата што се состои од слика од крокодил (препознатиливо животно од логото на Lacoste) и жена, придружени со зборовите „CHA LA WAN“ што во суштина значи „Крал на крокодилите“. Во однос на ваквата трговска марка, Lacoste во април 2024 година поднел барање за огласување ништовност.

Одлучувајќи по поднесеното барање од страна на Lacoste, Тајванскиот завод за интелектуална сопственост одлучил дека истото е неосновано и во образложението на својата одлука има дадено повеќе причини. Имено, иако била неспорна одредена сличност помеѓу препознатливиот крокодил од логото на Lacoste и оној од трговската марка на тајландската пивница, сепак, Заводот утврдил дека во конкретниот случај знакот е составен од приказ на животно –  крокодил  кое е придружено со дополнителни елементи како зборовите „Крал на крокодилите“ и  приказ на силуета од жена, што прави знакот да е доволно различен од  препознатливиот знак (регистрираните трговски марки) на Lacoste, односно дека трговската марка на пивницата  содржи и други дистинктивни елементи, поради што шансите да се предизвика забуна кај потрошувачите се незначително мали, односно дека трговските марки можат паралено да коегзистираат на пазарот без притоа да се предизвика асоцијација.

Понатаму, како дополнителен решителен факт, Заводот го земал и фактот што трговската марка заштитена од страна на Lacoste е препознатилива кај потрошувачите во модната индустрија, односно е заштитена за облека, обувки и други модни додатоци. Наспроти тоа, асортиманот на производи на тајландската пивница опфаќа различни видови на пиво и останати пијалаци. Оттука, иако Lacoste доставиле докази од кои би можело да се утврди препознатливоста на  знакот (крокодилот) и надвор од сферата на облека (како на пример: даски за сурфање, велосипеди и слично), сепак Заводот оценил дека таквите докази не биле доволни за да се смета дека постои веројатност Lacoste да ја прошири својата дејност во областа на производство на пива и други пијалаци, како и дека трговската марка на тајландската пивница би можела да предизвика забуна кај потрошувачите во тој дел.

Всушност, факт кој бил од круцијална важност при одлучувањето е фактот дека постоењето на визуелна сличност (особено во делот на приказот на крокодил), сама по себе не е доволна за да предизвика постоење на конфузија.

Со оглед на сѐ поголемата актуелност на интелектуалната сопственост во сферата на правото, но и бизнисот, овој и слични случаи се доста интересни за анализа, пред сѐ од аспект на начинот на кој државните институции ги толкуваат правните правила и начинот на кој истите ги применуваат во праксата.