Постапката за стекнување на државјанство во Република Северна Македонија по пат на природување (по пат на инвестиција), е комплексна постапка која е уредена со Законот за државјанството на Република Северна Македонија и Уредбите на Владата на Република Северна Македонија за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанството на Република Северна Македонија.
Согласно член 11 од Законот за државјанство е уредено дека странец кој ги исполнува условите од член 7 став 1 точки 1 и 8 може со природување да стекне државјанство на Република Северна Македонија ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес.
Владата на Република Северна Македонија со Уредба ги утврдува критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство како и дава мислење за постоење на особениот интерес.
Покрај странецот кој ќе започне постапка за стекнување на државјанство по пат на природување, може да стекне државјанство на Република Северна Македонија и неговиот брачен другар под услови од член 9 од Законот за државјанството на Република Северна Македонија.
Согласно член 7 став 1 точки 1 и 8 од Законот за државјанство е уредено дека државјанство на Република Северна Македонија со природување може да стекне странец кој лично поднел барање за прием во државјанство на Република Северна Македонија, ако ги исполнува следниве услови: да наполнил 18 години живот и неговиот прием во државјанство на Република Северна Македонија да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија.
Со Уредба на Влада од 10.12.2019 и од 16.02.2021 поблиску се утврдуваат критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанството на Република Северна Македонија.
Исполнетоста на критериумите за стекнување на државјанство на Република Северна Македонија по пат на природување се оценуваат од аспект на влијанието на капиталот врз зголемување на вработеноста, прилив на средства во Буџетот на Република Северна Македонија по основ на плаќање на даноци и социјални придонеси, зголемување на квалитетот и квантитетот на производството со примена на нови посовремени технологии, зголемување на извозот и на друг начин.
Постоењето на особениот економски интерес врз основа на критериумите утврдени со Уредбите на Влада на Република Северна Македонија, во рамките на своите надлежности, го оценува Министерството за економија и Министерството за финансии.
Доколку се исполнети условите кои ги пропишуваат Законот за државјанството на РСМ и Уредбите на Владата на РСМ, странецот треба лично да поднесе Барање за стекнување на државјанство до Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Органот кој решава по поднесено Барање за стекнување на државјанство по пат на природување донесува одлука во рок од шест месеци по поднесувањето на барањето на странецот.