Судот на правдата на Европската Унија утврди дека дел од регулативите на ФИФА се спротивни на правилата за заштита на конкуренција на Европската Унија

Во спорот помеѓу францускиот фудбалер Ласана Диара и ФИФА, Судот на правдата на ЕУ утврди спротивност на дел од правилата на ФИФА што се однесуваат на трансферите на играчи и правилата за заштита на конкуренција на ЕУ.

            Станува збор за случај во која францускиот фудбалер еднострано го раскинал својот Договор со фудбалскиот клуб Локомотив Москва, како резултат на според него, „неисполнување на договорните обврски“ од страна на клубот. По раскинувањето на овој Договор, фудбалерот бил спречен да склучи нов Договор со белгискиот клуб Спортинг Шарлроа, како резултат на правилата на ФИФА според кои „кога играчот ќе го раскине договорот со клубот пред истекот на неговата важност, а без „основана причина“ и потоа сака да склучи договор со нов клуб, играчот и новиот клуб се заеднички и солидарно должни да му ја надоместат шетата на поранешниот клуб“. Оттука, со оглед на одбивањето на ФИФА да даде гаранции дека новиот клуб нема да биде должен да исплати соодветен паричен надомест на поранешниот клуб, фудбалерот бил принуден правдата да ја бара пред наделжните институции.

            Најпрво, фудбалерот поднел жалба до Европската Комисија, наведувајќи дека правилата на ФИФА се спротивни на правото на конкуренција на ЕУ и на правото на слободно движење на работниците. Комисијата одбила да постапува по жалбата, а таквата одлука била оспорена пред Општиот суд. Општиот суд исто така одбил да постапува по иницијативата на фудбалерот, предизвикувајќи жалбена постапка пред Судот на правдата на ЕУ. 

            Постапувајќи по предметот, Судот на правдата на ЕУ, утврдил дека со вака формулираните правила на ФИФА, се врши повреда на членот 101 од Договорот за функционирање на Европската Унија, што се однесува на заштитата на конкуренција и членот 45 од истиот Договор, што се однесува на слободата на движење на работниците. Дополнително, Судот на правдата утврдил и дека Европската Комисија погрешно постапила со тоа што одбила да постапува и да разгледа дали постои неусогласеност помеѓу правилата на ФИФА и правото на конкуренција на ЕУ и слободата на движење на работниците. Како резултат на тоа, Судот на правдата на ЕУ го вратил предметот на повторно разгледување кај Европската Комисија. Со оглед на тоа што сега на потег е Комисијата, останува во иднина да се видат правните и фактичките последици што ќе ги предизвика оваа одлука на Судот, но и евентуалната одлука на Комисијата. Она што е важно и интересно да се напомене е дека со ваквата одлука се поставува принцип дека правилата на самостојните тела што го уредуваат фудбалот, а и спортот генерално, не можат да бидат во спротивност со правилата и принципите на ЕУ. Исто така, оваа одлука може да предизвика ланчана реакција во однос на останати правила што се однесуваат на трансферите на фудбалери од еден во друг клуб, што секако е еден од позначајните аспекти на фудбалот од правна и економска гледна точка.  Дополнително, ваквата одлука на Судот секако е во насока на поголема заштита на фудбалерите, а и генерално на спортистите како работниците.