Поради постоење на различна судска пракса, на ден 27.12.2023 година, Врховниот суд на Република Северна Македонија усвоил начелно правно мислење по однос на правното прашање дали во ситуација кога трговско друштво избришано согласно член 552-а и член 552-б од Законот за трговските друштва, судот треба да постави ликвидатор на избришаното друштво кое има имот за водење на ликвидациона постапка во која по намирување на доверителите, имотот на друштвото ќе се распредели на содружниците или при распределбата на имотот се применуваат единствено одредбите од 552-а став 3 и став 4 од Законот за трговските друштва, така што содружниците го распределуваат имотот помеѓу себе.
Имено, видно од начелното правно мислење, Врховниот суд утврдил дека на трговско друштво избришано поради утврден статус на неактивен субјект кој има имот, не може да се постави ликвидатор за распределба на истиот и да се спроведе постапка за ликвидација.
Согласно законските прописи со кои е регулирано бришењето на неактивни субјекти од трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, како и распределба на имотот на трговските друштва, исклучиво примена наоѓа членот 552-а од Законот за трговските друштва, особено ставот 4 од истиот член согласно кој е определено дека движниот имот на трговските друштва избришани по овој основ се распределува во рок од една година од донесувањето на решението за бришење.
Паричните средства и недвижниот имот се распределуваат во рок од 10 години од денот на донесување на решението за бришење. Доколку по истекот на овој рок, не дојде до распределба на имотот, истиот се пренесува во сопственост на Република Северна Македонија, со обврска движниот имот да се чува една година, а недвижниот имот и паричните средства 10 години. Во предвидените рокови основачите имаат право во судска постапка да ја докажуваат сопственоста на имотот и да бараат враќање на истиот.
Дополнително, во ситуација кога постојат изречни законски одредби за начинот на распределба на имотот на избришаното друштво на кое му било утврден статус на неактивен субјект, Врховниот суд е на ставот дека не може да се примени одредбата од членот 549 од Законот за трговските друштва во кој е предвидено дека доколку по спроведена ликвидација се пронајде имот на избришаното друштво, судот на предлог на лице со правен интерес, може повторно да ги повика ликвидаторите или да постави нови, според одредбите за ликвидација, имајќи во вид дека во таква ситуација претходно воопшто не била спроведена ликвидација.