По отворање на постапката во март годинава, на 24 јуни, Европската Комисија го извести Епл за своите првични наоди дека правилата на App Store се спротивни на одредбите од Законот за дигитални пазари (DMA) на Европската Унија. Ова од причина што, со постоечките правила, програмерите на апликации се спречени слободно да ги насочуваат потрошувачите кон алтернативни канали за понуди и содржина надвор од App Store.
Согласно одредбите на Законот за дигитални пазари, програмерите на аппликации што ги дистрибуираат своите апликации преку App Store на Епл, треба да имаат можност без надомест да ги информираат своите корисници за алтернативни, поевтини можности за купување на апликациите, да ги насочат кон таквите понуди и да им овозможат да ги купат апликациите.
Кога станува збор за уредувањето на односите помеѓу Епл и програмерите на апликации, Европската Комисија утврдила дека ниту еден од условите и правилата не им дозволуват на програмерите слободно да ги насочуваат своите потрошувачи. Имено, програмерите не можат, во рамките на апликацијата да дадат информации во врска со цените ниту пак да изнесат понуди за алтернативни канали на дистрибуција на нивните апликации.
Единствен начин на кој Епл дозволува насочување на потрошувачите е преку врски (links), што програмерите можат да ги стават во своите апликации, а преку кои потрошувачите можат да бидат насочени до веб-страници каде можат да склучуваат договори. Но, според Комисијата и овој начин на насочување подлежи на низа ограничувања поставени од Епл во однос на комуникацијата, промовирањето понуди и склучувањето на договори.
Дополнително, Епл предвидува наплата на надоместоци што според Комисијата, го надминуваат она што е строго неопходно, во смисла на тоа што програмерите на апликациите се должни да платат надоместок за секоја продажба на дигитални добра или услуги што корисникот ќе ја направи во рок од седум дена по искористување на врската (link) од апликацијата.
Како одговор на овие наводи, Епл истакнал дека во последните неколку месеци биле преземени низа активности во насока на усогласување на политиката и правилата со Законот за дигитални пазари, како и во насока на заштита на безбедноста на корисниците.
Во секој случај, ако овие првични наоди на Комисијата бидат потврдени, ќе се утврди дека правилата на Епл се спротивни на Законот за дигитални пазари.
Европската Комисија отвори и дополнителна истрага против Епл, исто така во врска со повреда на правилата од Законот за дигитални пазари, а во насока на можноста за постоење на алтернативни „продавници за апликации“ и можноста да се нудат апликации преку алтернативни дистрибутивни канали.
Предмет на истрагата главно се: надоместот од 0.50 евра што програмерите на трети „продавници на апликации“ и трети апликации мора да го платат на Епл, релативно сложената процедура низ која корисниците треба да поминат за да преземат и да инсталираат алтернативни „продавници на апликации“ и апликации, како и барањата за подобност за програмерите на апликации што се однесуваат на можност да се нудат алтернативни „продавници на апликации“ или директно да се дистрибуираат апликации од интернет на iPhone.
Покренувањето на истрагата и утврдувањето на овие повреди од страна на Епл резултирале со одложување на лансирањето на низа новини планирани од Епл во рамки на Европската Унија, меѓу кои Apple Intelligence, iPhone Mirroring и SharePlay Screen Sharing што во крајна линија е причина за незаводолство на корисниците на Епл производите во ЕУ.