На ден 08.06.2024 година пратениците во Собранието на Република Северна Македонија ги изгласаа измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа (во понатамошниот текст „Законот“), со кои се изврши промена на бројот на министерствата и се изврши менување на делокругот на надлежностите на дел од постоечките министерства во Владата на Република Северна Македонија.
Со овој Закон од актуелните 16 министерства и 20 членови на Владата на Република Северна Македонија, организирани се 20 министерства и назначени се 24 членови на Владата. Како нови министерства се организираат следните:
- Министерство за спорт,
- Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини,
- Министерство за јавна администрација, и
- Министерство за дигитална трансформација.
Покрај новите министерства, извршена е реорганизација на постоечките министерства, така на пример, Министерството за надворешни работи е реорганизирано во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, Министерството за култура е реорганизирано во Министерство за култура и туризам, а секторот за евроинтеграции во Владата на Република Северна Македонија станува Министерство за европски прашања.
Досегашното Министерство за труд и социјална политика е трансформирано во Министерство за социјална политика, демографија и млади, а Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците е организирано како Министерство за односи меѓу заедници.
Во споредба со бројот на министри во Владата на Република Северна Македонија, во Владата на Република Словенија и Република Хрватска има вкупно 17 министри, во Владата на Република Црна Гора има вкупно 18 министри, во Владата на Република Босна и Херцеговина има вкупно 16 министерски позици, во Владата на Кралството Шпанија има вкупно 22 министри, во Владата на Република Грција има вкупно 19 министри.