Зголемена минимална плата за 2024 година

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 41/2022, утврдено е дека  исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со:
– 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и
– 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Висината на минималната плата, не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник кој работи помалку од полното работно време се пресметува сразмерно со бројот на одработените часови во месецот.

Во просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник, не се пресметува додатокот на плата за прекувремена работа.

Министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ во „Службен весник на Република Северна Македонија“, во месец март секоја година, која ќе започне да се исплатува со исплатата на платата за месец март во тековната година.

Имајки ги во предвид овие одредби од Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, на ден 22.03.2024 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/24 Министерството за труд и социјална политика ја објави висината на минималната плата за 2024 година, која за разлика од 2023 година е зголемена.

Според објавата, минималната бруто плата, почнувајќи од месец март 2024 година ќе изнесува: 33.352,00 денари, односно минималната нето плата, почнувајќи од месец март 2024 година ќе изнесува : 22.567,00 денари.

Износот на минималната плата согласно критериумите од методологијата донесена во 2022 година, беше усвоен на Економско социјалниот совет одржан на 22.03.2024 година.

Оттука, работодавачите се должни утврдениот бруто-износ за 2024 година од  33.352,00 денари, да го пресметаат и исплатат со платата за месец март 2024 година. Согласно Законот за работните односи платата за месец март треба да се исплати најдоцна до 15 април 2024 година.