Во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 53/24 објавен е новиот Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка. Донесувањето на овој закон има за цел заштита на јавниот интерес на Република Северна Македонија на начин што се оневозможува каква било корист од имот, за кој во граѓанската постапката согласно со законот, ќе се утврди дека не бил стекнат од законски извори. Со овој закон се ограничува правото на сопственост во согласност со Уставот, законот и меѓународните стандарди и праксата на ЕСЧП за овој вид на конфискација. Целта на овој закон е да се оневозможи располагање со имот и имотна корист кои не може да се докаже дека се стекнати од законски извори.
Согласно одредбите на законот, услов за поведување на постапката за утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори е ако има разумно сомневање дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори и постои несразмерност меѓу нето-вредноста на имотот и расположливите законити и пријавени приходи за стекнување на имотот, изразена како кумулативна разлика што надминува 13.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија, пресметана годишно во временски период не подолг од 10 години пред стекнување на имотот кој е предмет на постапката, односно дејствата за сторувањето кривично дело за кое постои разумно сомневање дека е поврзано, односно е извор на средства за стекнување на имотот.
Законот влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува по истекот на шест месеци од денот на влегувањето во сила.