Државниот завод за индустриска сопственост на Република Северна Македонија започна со примена на „CP4“

Државниот завод за индустриска сопственост на Република Северна Македонија (ДЗИС) го објави Документот за практиката кој започна да се применува од 01.10.2022 година, а кој се однесува на обемот на заштита и различните постапувања со трговските марки во црна и бела боја и/или нијанси на сива боја, во однос на приоритетот, релативните причини за одбивање и вистинската употреба.

Документот за практиката обезбедува јасно и сеопфатно објаснување на принципите на кои практиката е заснована и генерално ќе се применува од ДЗИС и заводите за ИС кои се дел од Мрежата за интелектуална сопственост на Европската унија.

ПРАВО НА ПРВЕНСТВО

Имено, во однос на правото на првенство, предвидено е дека црно-белата трговска марка за која се бара првенство не е идентична со истата марка во боја, освен ако разликите во бојата се незначителни. Трговската марка во нијанси на сива боја во однос на која се бара првенство не е идентична со истата марка во боја или во црно-бела боја, освен ако разликите во боите или во контрастот на нијансите се незначителни.

Трговска марка регистрирана како црно-бела боја, треба да се смета за идентична со истата трговска марка во нијанси на сива боја, само ако разликите во контрастот на нијансите се толку незначителни што може да поминат незабележани од просечниот потрошувач.

Во смисла на овој документ, незначителна разлика меѓу две трговски марки е разликата што разумно внимателен потрошувач ќе ја забележи само со испитување на знаците еден до друг.

РЕЛАТИВНИ ПРИЧИНИ

Претходната трговска марка во црно-бела боја не е идентична со истата трговска марка во боја, освен ако разликите во бојата се незначителни. Претходната трговска марка во нијанси на сивa боја не е идентична со истата трговска марка во боја или во црно-бела боја, освен ако разликите во бојата или во контрастот на нијансите се незначителни.

Разликите меѓу верзијата во нијанси на сива боја и верзијата на истата трговска марка во боја обично ќе бидат забележани од просечниот потрошувач. Само под исклучителни околности, имено кога овие разлики се толку незначителни што може да поминат незабележани од просечниот потрошувач, трговските марки ќе се сметаат за идентични.

ВИСТИНСКА УПОТРЕБА

Промената само на бојата не го менува дистинктивниот карактер на трговската марка сè додека се задоволени следните барања: a) вербалните/фигуративните елементи се совпаѓаат и се главни дистинктивни елементи; b) се почитува контрастот на нијансите; c) бојата или комбинацијата на бои сама по себе нема дистинктивен карактер; и d) бојата не е еден од главните фактори што придонесуваат за севкупната дистинктивност на трговската марка. За утврдување на вистинската употреба, принципите што се применливи за трговските марки во црно-бела боја се применуваат и за трговските марки во нијанси на сива боја.