Директни инвестиции

Директната инвестиција е вид на капитална трансакција во вид на:

  • Вложувања на резиденти (правно или физичко лице) во странство
  • Вложувања на нерезиденти (правно или физичко лице) во РСМ

Директните инвестиции се вложувања со кои инвеститорот има намера да воспостави трајна економска поврзаност и/или да оствари право на управување со трговското друштво или другото правно лице во кое инвестира.

Видот на настанување и начинот на реализирање на директна инвестиција може да биде во:

  • Пари, права, предмети, и тоа како:
  • Основање на трговско друштво во целосна сопственост на инвеститорот;
  • Зголемување на главнината на друштвото во целосна сопственост;
  • Стекнување на трговско друштво во целосна сопственост;
  • Учество во постојано друштво или здобивање со повеќе од 10% од основниот капитал на друштвото, односно со повеќе од 10% од правото на одлучување.
  • Заеми
  • Долгорочен заем со период од пет(5) и повеќе години, кога се работи за заем од инвеститорот и кој е наменет за трговско друштво во негова целосна сопственост;
  • Долгорочен заем со период од пет(5) и повеќе години, кога се работи за заем наменет за воспоставување на трајна економска поврзаност помеѓу економски поврзани субјекти.
  • Подружници, односно основање подружница од страна на нерезидентен субјект во РСМ.

Директните инвестиции на резиденти во странство се слободни.

Резидентите се должни во рок од 60 дена од денот на склучувањето на капиталната трансакција која е правна основа за стекнување на директна инвестиција во странство, да го пријават вложувањето и сите натамошни измени на вложувањето во Централниот регистар.

Централниот регистар врши упис на вложувања на резиденти во странство и на сите натамошни измени на вложувањата кои се сметаат за директни инвестиции на резидент во странство во Регистарот на директни инвестиции на резиденти во странство.

Централниот регистар води Регистар на директни инвестиции на резиденти во странство, за што на резидентите им издава потврда за извршен упис и на секоја натамошна измена на директната инвестиција во странство.

Министерот за економија го пропишува начинот на пријавувањето, уписот како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на директни инвестиции на резидентите во странство.

Директните инвестиции на нерезиденти во Република Северна Македонија се слободни, ако со друг закон, освен со Законот за девизно работење поинаку не е уредено.

Резидентите во кои нерезидент има вложување кое се смета за директна инвестиција се должни во рок од 60 дена од денот на склучувањето на капиталната трансакција која е правна основа на стекнување за директна инвестиција во Република Северна Македонија, да го пријават вложувањето и сите натамошни измени на вложувањето во Централниот регистар.

Централниот регистар врши упис на вложувања на резиденти во странство и на сите натамошни измени на вложувањата кои се сметаат за директни инвестиции на резидент во странство во регистарот за директни инвестиции на резиденти во странство.

Централниот регистар води Регистар на директни инвестиции на резиденти во странство, за што на резидентите им издава потврда за извршен упис и на секоја натамошна измена на директната инвестиција во странство.

Министерот за економија го пропишува начинот на пријавувањето, уписот како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на директни инвестиции на резидентите во странство.

Непријавувањето на директната инвестиција во регистарот за директни инвестиции согласно чл. 56 од Законот за девизно работење е прекршок. Прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Министерството за финансии – Државен девизен инспекторат.