На 12.04.2022 година во Службен весник на Република Северна Македонија број 90 прогласен е Законот за платежни услуги и платежни системи кој ќе започне да се применува од 01.01.2023 година.
Со донесување на законот се врши усогласување на домашното законодавство со Директивата за платежни услуги (2015/2366/ЕЗ), Директивата за електронски пари (2009/110/EЗ), Директивата за конечност на порамнувањата (98/26/ЕЗ), Директивата за споредливост на провизии поврзани со платежните сметки, пренос на платежни сметки и пристап до платежните сметки со основни карактеристики (2014/92/ЕЗ), Регулативата за заменски надоместоци за картично засновани платежни трансакции (2015/751) и Регулативата за воспоставување технички и деловни барања за кредитни трансфери и директни задолжувања во евра (260/2012)во делот на одредбите поврзани со директните задолжувања.
Со денот на започнување на примена на Законот за платежни услуги и платежни системи престануваат да важат Законот за платен промет и Законот за вршење на услуги за брз трансфер на пари.
Со Законот ќе се врши либерализација на пазарот за платежни услуги преку влез на платежни институции кои не се банки и кои ќе извршуваат одделни сегменти од платниот промет и се овозможуваат иновативни начини на електронско плаќање, а се уредуваат и нови инструменти за плаќање, како што се директните задолжувања.
Со овој закон се уредуваат видовите на платежни услуги, дозволата за давањето на платежни услуги, издавање електронски пари, транспарентноста на условите и обврските за информирање во врска со платежните услуги, правата и обврските на давателите и корисниците на платежните услуги, отворањето и користењето на платежната сметка, преносливоста на платежната сметка, транспарентноста и споредливоста на надоместоците поврзани со платежните сметки и услуги, постапките за решавање на спорови настанати при давањето на платежни услуги, платните системи и конечноста на порамнувањата, надзорот над платежните институции, институциите за електронски пари и операторот на платен систем, воспоставувањето и одржувањето на единствениот регистар на сметки, како и други прашања поврзани со платежните услуги и платните системи.