Поимната определба на Договорот за дар во нашето право ја дава Законот за облигационите односи во член 555.
Со договорот за дар дарувачот се обврзува да му пренесе или му предава на даропримачот во сопственост определен предмет, или му отстапува некое право, или му отпушта долг, или му презема долг без надомест.
Без оглед дали со Договорот за дар се врши пренос на сопственост врз ствар или пренос на право, суштествено за овој договор е постоење на намера за дарување или animus donandi во секој случај, на страната на дарувачот, што води кон намалување на имотот на дарувачот и зголемување на имотот на даропримачот.
Со оглед на тоа дека се работи за договор, за неговата полноважност потребно е да постои, меѓу другите општи услови и согласност на волјите, односно покрај волјата за дарување на дарувачот потребно е да постои и согласност за примање на дарот од страна на даропримачот.
Договорот за дар е консензуален договор – склучен е во моментот когa дарувачот и даропримачот постигнуваат согласност за подарувањето.
Карактеристично за договорот е што е едностарно обврзувачки договор – на дарувачот постои обврска нешто да стори или да даде, за што не постои противчинидба на страната на даропримачот, меѓутоа тука уште еднаш ќе нагласиме дека не станува збор за едностарно правно дело туку дека станува збор за облигационен договор кој настанува со согласност на волјите на договорните страни – од една страна тоа е волјата на дарувачот да го намали својот имот за сметка на зголемување на имотот на даропримачот и од друга страна потребна е согласност на даропримачот да го прими дарот.
Договорот за дар има два елементи – стварта што се подарува и волјата таа ствар да биде подарена. Стварта што се подарува мора да биде во правниот промет онака како што стварта што се продава мора да биде во правниот промет.
Како предмет на дар може да се јави и определена имотна целина или целиот имот. Дарувањето на иден имот е ограничено во две насоки со одложен услов ако дародавачот идниот имот воопшто и го стекне и со ограничување да не се доведе во состојба да не може самиот да се издржува или да не може да ги издржува лицата што со закон е должен да ги издржува. Дародавачот не може да дарува туѓа ствар затоа што никој не може да пренесе право кое самиот не го поседува.
Правото што се пренесува не треба да биде очигледно спорна или натурална облигација. Исто така не може да се пренесуваат побарувања што можат да се предмет на правен промет, а не да се поврзани со определена личност (intuit personae). Со дар може да се изврши пренос и на права од интелектуална сопственост.
Волјата за стварта да биде подарена (animus donandi) е она што го
разликува договорот за дар од другите договори каде што стварта се предава без надомести (бескаматниот договор за заем, договорот за послуга и сл.). Постоењето на волја стварта што се предава да се предаде како дар и да се прими како дар, иако по својата природа е субјективна категорија, во овој случај се јавува и како основ на договорот (како цел или како што уште се нарекува кауза). Ако не постои ваква свест кај дарувачот и желба намера за дарување или таа е направена под присила измама или заблуда договорот за дар ќе биде рушлив.
Постоењето на согласност за битните елементи на договорот за
дар кај дародавачот и даропримачот е трета основна претпоставка и се состои во постоење на претходен договор на договорните страни која ствар или имотно право ќе биде предмет на договорот и постоење на нивните волји да така утврдениот предмет на дарување бесплатно се отстапи во сопственост на даропримачот (animus donandi) , односно објектот да на дарувањето да се прими и задржи во сопственост на даропримачот (animus dominii).
Договорот за дар се јавува и во следниве видови:
1) Комбиниран договор за дар кој покрај суштествените елементи на договорот за дар содржи и елементи на друг договор, најчесто договор за продажба. На пример, лицето А на лицето Б му го продава својот нов велосипед, кој претходно го купил по цена од 500 евра во денарска противвредност за цена од 50 евра во денарска противвредност.
Во случајот не станува збор за прекумерно оштетување на продавачот, туку комбиниран договор за продажба со договор за дар.
2) Награден договор за дар кој покрај постоењето волја стварта
да биде подарена, потребно е постигнување на определени резултати (најдобар резултат во студии, на натпревар и сл.).
3) Договор за дар со товар или налог, покрај суштествените елементи на договорот со оглед на природата на договорот содржи уште еден елемент според волјата на страните. Така, дарувачот може да задржи за себе или за некој друг, некое право или може на даропримачот да му наложи нешто да направи или да му дозволи нешто на друг (на пр. со подареното возило секој ден да превезува некое лице од една на друга локација).
Во случај даропримачот да не го изврши товарот или налогот ни во дополнителен разумен рок, дарувачот може да го раскине договорот и да бара од даропримачот да му го врати она што го примил. Наследниците на дарувачот можат да го раскинат договорот за дар поради неизвршување на товарот или налогот, кога тоа е предвидено со договорот за дар. По смртта на дарувачот извршување на товарот или на налогот можат да бараат неговите наследници или друго лице определено со договорот.
Договорот за дар, за разлика од другите договори, може да преста-
не и на еден специфичен и различен начин од оние кај другите договори. Во случајот станува збор за отповикувањето на дарот, до што доаѓа кога договорот е исполнет, а тоа може да го стори дарувачот. За договорот за дар е карактеристично што е возможно под определени услови договорот за дар да биде отповикан.
Случаите на отповикување можат да се поделат во три групи со однапред определени услови и тоа: договорно, законско и по барање на трети лица.