Трансформација на работен однос од определено на неопределено време

Согласно Законот за работните односи (член 14), Договорот за вработување може да биде склучен на определено време (чие траење е однапред определено) и неопределено време (чие траење однапред не е определено).

Во членот 46 од Законот за работните односи, поконкретно се регулирани прашањата во врска со договорот за вработување на определено време.

Овој член е во делот од Законот кој содржи одредби и во врска со другите т.н. посебни, флексибилни атипични договори во кои спаѓаат: договорот за вработување за вршење сезонска работа, договорот за вработување со скратено работно време, договорот за вработување со скратено време со еден или повеќе работодавачи, договорот за вработување со вршење работа дома и договор за вработување на куќни помошници.

Според членот 46 став 1 од ЗРО, договорот за вработување на определено време може да се склучи за определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до 5 (пет) години.

Во овој период се опфатени еден или повеќе договори кои можат да се склучат на определено време со ист работодавач, за вршење на исти работи, заради превенција од искористување на работникот преку последнователна употреба на договори за вработување на определено време. Доколку работодавачот повеќепати склучил договор за вработување со конкретен работник за исти работи, независно дали тие договори се со прекин или без прекин, со тие договори не може да се надмине крајниот законски рок од 5 (пет) години.

По истекот на овој рок, работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, под услов работникот да продолжи да работи по истекот на рокот (5 години), под услови и на начин утврдени со закон. Целта на институтот “трансформирање” е да се спречи изигрување на Законот од страна на работодавачот преку склучување на договори за вработување на определено време за работа која е од подолгорочен карактер, па со таквото постапување се злоупотребуваат и правата на работникот.

Во одонос на постапката и начинот на трансформирањето на работниот однос, постои разлика помеѓу трансформирањето на работниот однос во приватниот секотр и трансформирањето на работниот однос во јавниот сектор.

Кај приватниот сектор, работниот однос од определено време на неопределено време се трансформира по истекот на рокот од пет години, ако работникот продолжи да работи кај работодавачот.

За разлика од приватниот, во јавниот сектор каде финансирањето е од Буџетот, со закон се пропишани и други посебни услови во врска со трансформирањето на работниот однос. Покрај исполнувањето на условот во врска со законскиот рок по кој може да се трансформира рабониот однос, пред да се изврши трансформацијата се бара потребата од конкретен работник да е утврдена, систематизирана како трајна (на неопределено време) и петходно да се обезбедат финансиски средства за плата и придонеси од Буџетот за работа на неопределено време. Во случајов не станува збор за исполнување на формално правен услов туку станува збор за исполнување на суштински услов бидејки без обезбедени средства од Буџетот и работникот не би прифатил да продолжи со работа.

Законодавецот како специфичен договор за вработување на определено време го класифицира Договорот за вработување на определено време за замена на отсутен работник. Овој договор за вработување на определено време може да се склучи исклучиво до враќање на привремено отсутниот работник, па од таа причина во овој договор не е утврден конкретен рок на времетраењето на договорот, туку тоа е условено од должнината на отуството од работа, но не може да трае подолго на привремено отсутниот работник, поради спецификите, карактеристиките на овој вид на договор кој е често застапен во пракса.Тоа е поради различниот вид на случаи на платено и неплатено отсуство утврдено во Законот кои секогаш не можат да се предвидат за да може однапред да се определи времето за кое се склучува договорот (на пример, отсуство поради породилно, родителско отсуство, отсуство поради болест и сл.). Меѓутоа има и случаи кога привремено отсустниот работник не сака или нема да се врати на работа, па во таков случај на работникот кој го заменувал не може да му се трансформира работниот однос, туку работодавачот ќе може со истиот да склучи нов договор за вработување на определено или неопределено време. Во членот 46 став 4 од ЗРО е предвиден исклучок работниот однос заснован со договор за вработување на определено време да може да се трансформира во работен однос на неопределно време и пред истекот на рокот од 5 години, ако работникот работи повеќе од 2 години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот  утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон. Во пракса, овој исклучок повеќе наоѓа примена во јавниот секотр, бидејќи во приватниот сектор работодавачот може во секое време за времетрањето на работниот однос на определено време да му го трансформира работниот однос на неопределено време зависно од потребата и волјата на работодавачот, без исполнување на други законски услови и ограничувања.