Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 28.01.2026 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, кој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 16/2026 од 28.01.2026 година.
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, освен одредбите од членовите 1, 7, 8, 9 и 10 од овој закон, кои ќе започнат да се применуваат од 1 февруари 2026 година.
Целта на донесувањето на новиот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик е хармонизирање на македонското казнено законодавство со европските и меѓународните стандарди, а особено доусогласување со Истанбулската конвенција и постапување по забелешките на Европската комисија во делот „Борба против корупцијата и организираниот криминал“, истакнати во извештаите на Европската комисија за напредокот на нашата држава со цел обезбедување на одговорност и владеење на правото.
Кривичниот законик на Република Северна Македонија е остро критикуван и во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2025 година, па оттаму и потребата од изработка на нов целосно усогласен европски закон кој ќе го зајакне владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Дали новите измени и дополнувања на Кривичниот законик навистина ќе доведат до поголема одговорност и елиминирање на неказнивоста и дали истите се во насока на европските стандари останува да видиме од примената на Кривичниот законик во пракса.
Во продолжение краток осврт на најзначајните измени и дополнувања на Кривичниот законик.
Согласно член 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик:
Во член 38-в под назив „Забрана на управување со моторно возило“, глава Казни, ставот (2) се менува и гласи:
„(2) При изрекувањето на казната од ставот 1 на овој член, судот може да изрече и престанок на важење на возачката дозвола од определена категорија и да определи временски период во траење од една до 10 години, за кој сторителот нема право да се стекне со возачка дозвола од истата категорија.“
Во ставот (4) во првата реченица зборовите: „три месеца“ се заменуваат со зборовите: „шест месеци“, зборот „пет“ се заменува со „10“ и во втората реченица, зборовите: „ниту подолго од десет години“ се заменуваат со зборот „година.“
Согласно член 4 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик членот 98-а под назив „Проширена конфискација“, глава Конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети, се менува и гласи:
„(1) Од сторителот на кривично дело за кое може да се изрече казна затвор од четири години или потешка казна, како и на кривично дело против половата слобода и половиот морал, на кривично дело против здравјето на луѓето, на кривично дело против имотот, на кривично дело против јавните финансии, платниот промет и стопанството, на кривично дело против службената должност, на кривично дело против човечноста и меѓународното право или на кривично дело извршено во состав на злосторничко здружение, кога таквото дело можело да доведе непосредно или посредно до имотна корист, ќе се конфискува имотот стекнат во временски период не подолг од пет години пред сторувањето на делото за кое е осуден со правосилна судска пресуда, кога врз основа на сите околности, факти и докази, судот е уверен дека имотот ги надминува законските приходи на сторителот. (2) Kога од фактички или правни пречки не е можно водење кривична постапка спрема сторителот на кривичното дело од ставот (1) на овој член, судот ќе донесе oдлука за проширена конфискација во постапка определена со закон. (3) Ако поради фактички или правни пречки не може да се спроведе проширена конфискација спрема сторителот на кривичното дело, а се исполнети условите од ставот (1) на овој член, нелегално стекнатиот имот се конфискува и од трети лица или членови на неговото семејство на кои е пренесен или за кои е остварен, доколку имотот постои. (4) Имотот од ставот (1) на овој член се конфискува во постапка на конфискација и од членови на семејството на сторителот на кои е пренесен кога е очигледно дека не дале противнадоместок што одговара на неговата вредност или од трети лица ако не докажат дека за предметот или имотот дале противнадоместок што одговара на нивната вредност.“
Покрај новите казни со новите измени и дополнувања на Кривичниот законик се воведуваат и нови кривични дела, и тоа:
По членот 152 се додава нов наслов и нов член 152-а, кои гласат:
„Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина“
Член 152-а
(1) Тој што на трето лице ќе му направи достапна видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина, без согласност на лицето на кое тој спис се однесува, односно без согласност на лицето кое е прикажано на снимката или фотографијата или чиј глас е снимен на аудиозаписот, ќе се казни со затвор од една до пет години. (2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што со употреба на компјутерски систем или на друг начин ќе изработи нова или ќе промени постоечка видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина која се однесува на некое лице и ќе ја употреби таквата снимка, фотографија, аудиозапис или спис или ќе ги направи достапни на трето лице. (3) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што се заканува на друг дека ќе ја направи достапна за трето лице неговата видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина. (4) Тој што делото од ставовите (1) и (2) на овој член ќе го изврши на начин поради што видеото или другата снимка, фотографијата, аудиозаписот или списот со сексуално експлицитна содржина станале достапни на повеќе лица, ќе се казни со затвор од една до осум години. (5) Ако делото од ставовите од (1) до (4) на овој член е сторено спрема дете, извршителот ќе се казни со затвор од три до 10 години. (6) Aко делото од ставовите од (1) до (5) на овој член го стори службено лице во вршење на службата, за делото од ставовите (1), (2) и (3) на овој член, ќе се казни со казна затвор од една до 10 години, за делото од ставот (4) на овој член, со казна затвор од три до 10 години, а за делото од ставот (5) на овој член, со казна затвор од најмалку четири години. (7) Видеата или другите снимки, фотографиите, аудиозаписите и списите, како и посебните уреди со кои е извршено кривичното дело, се одземаат.
По членот 300 се додаваат два нови наслова и два нови членови 300-а и 300-б, кои гласат:
„Задолжително изрекување на казната забрана на управување со моторно возило“
Член 300-а
Под условите определени со членот 38-в од овој законик, за кривичните дела од членовите 297 ставови (1) и (2), 297-а и 300 ставови (1) и (2), судот на сторителот ќе му изрече забрана на управување со моторно возило во траење од шест месeци до 10 години.
„Одземање на моторно возило со кое е сторено кривично дело“
Член 300-б
(1) Под условите определени со членот 100-а од овој законик, од сторителот ќе се одземе возилото со кое е сторено делото од членот 297 став (1), членот 297-а ставови (1) и (2) или од членот 300, кое е во сопственост на сторителот, доколку тој во моментот на сторување на делото немал право да управува со моторно возило. (2) Доколку возилото од ставот (1) на овој член е во сопственост на трето лице, ќе се одземе само доколку тоа лице знаело или било должно да знае дека сторителот немал право да управува со моторно возило. (3) Под условите определени со членот 100-а од овој законик, од сторителот може да се одземе возилото со кое е сторено делото од членот 297 став (1), член 297-а ставови (1) и (2) или од членот 300 доколку возел со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 70 км на час во населено место или за најмалку 90 км на час надвор од населено место, кое е во сопственост на сторителот. (4) Под условите определени со членот 100-а од овој законик, од сторителот ќе се одземе возилото со кое е сторено делото од членот 297 став (1), член 297-а ставови (1) и (2) или од членот 300, доколку возел со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 70 км на час во населено место или за најмалку 90 км на час надвор од населено место кое е во сопственост на сторителот, под услов тој и претходно да е осудуван за кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај кое го сторил со надминување на дозволената брзина најмалку 70 км на час во населено место или за најмалку 90 км на час надвор од населено место.
Со измените и дополнувањата на членовите 353 и 394 од Кривичниот законик се предвидува заострување на казните за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Злосторничко здружување.“

