„Safe City“ претставува посебен електронски систем, односно мрежа од камери, радари и сензори со висока резолуција поставени на јавни сообраќајници, со цел автоматско евидентирање и казнување за сторени сообраќајни прекршоци и намалување на човечкиот фактор при евидентирање и изрекување на казни.
По извршена промена на повеќе закони поврзани со евидентирање, санкционирање и известување за прекршоци направени во сообраќајот, системот „Safe City“ официјално започна да се применува од 01.02.2026 година. Во прилог ги наведуваме најчесто поставуваните прашања во врска со функционирањето на посебниот електронски систем.
1. Кои прекршоци ќе се детектираат и казнуваат во првата фаза од примената на „Safe City“?
– Во првата фаза од примената на „Safe City“ се евидентираат и казнуваат поминување на црвено светло кога сообраќајот е регулиран со уреди за давање светлосни сообраќајни знаци, возење со брзина поголема од дозволената, неправилно престројување и нерегистрирано возило.
2. Дали камерите може да снимаат навечер или во лоши временски услови?
– Да, посебниот електронски систем користи камери и сензори кои овозможуваат да се детектира возило и регистарска табличка во мрак или во лоши временски услови.
3. Дали „Safe City“ детектира и изрекува казни за запирање и/или паркирање на возила на булевари и улици на кои е забрането застанување и/или паркирање?
– Во првичната фаза од примена на системот, сеуште не се евидентира и казнува запирање и/или непрописно паркирање на булевари и улици на кои е забрането запирање и/или паркирање.
4. Што ако некој друг го возел моето возило кога е направен прекршокот?
– Доколку сопственикот на возилото во време на сторување на прекршокот не го управувал возилото, а знае кој го управувал, е должен во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочниот платен налог лично да дојде во надлежната организациска единица на Министерството за внатрешни работи заедно со лицето кое во време на сторување на прекршокот управувало со возилото при што лицето дава известување дека во време на сторување на прекршокот управувало со возилото и дава податоци и за неговиот број на мобилен телефон и електронска адреса или тој или лицето кое го управувало возилото во времето на сторување на прекршокот во надлежната организациска единица на Министерството за внатрешни работи да приложи изјава заверена на нотар дадена од лицето кое управувало со возилото во која истото ќе потврди дека го управувало возилото во време на сторување на прекршокот, а изјавата задолжително содржи и податоци за број на мобилен телефон и електронска адреса.
Доколку сопственик на возило е правно лице, тогаш задолжително се приложува патен налог или друг соодветен документ за лицето кое било овластено да го управува возилото во време на сторување на прекршокот.
5. Што ако поминам на црвено за да пропуштам брза помош или полиција?
– Системот „Safe City“ е предвидено да снима видео запис од неколку секунди пред и по прекршокот, па доколку сопственикот на возило добие казнен налог во таков случај истиот во предвидениот рок треба да се обрати до најблиското подрачно одделение на МВР и доколку на зачуваниот видео запис може да се види и утврди дека возилото се поместило за да направи пат за возило со ротација (итна помош, пожарна, полиција), тогаш казнениот налог ќе биде поништен.
6. Дали возила кои вршат итни работи како возила од агенции за приватно обезбедување на лица или објекти или возила од правни лица кои вршат итни работи поврзани со санирање на топлинска, водоводна или електро мрежа се евидентираат од електронскиот систем?
– Да. Согласно позитивните законски прописи, само возила на брза помош, пожарна или полиција не се казнуваат од посебниот електронскиот систем и тоа само во посебни случаи кога извршуваат итни работи и истите при вршењето на работите имаат вклучени ротациски светла.
7. Дали пријавување на лице вработено кај правно лице кое го управувало службеното возило во моментот кога е сторен прекршокот може да се изврши во сите подрачни одделенија на МВР?
– Да, пријавувањето на лице вработено кај правно лице кое го управувало службеното возило во моментот кога е сторен прекршокот може да се изврши во сите подрачни одделенија на МВР.
8. Дали само управителот на правното лице може да достави податоци до МВР за лицето вработено кај правното лице кое во моментот на сторување на прекршокот управувало со службеното возило?
– Не, пријавувањето на лице вработено кај правното лице кое го управувало возилото со кое е сторен прекршокот може да биде извршено и преку лице вработено кај работодавачот кое има добиено посебно овластување од управителот за доставување на податоци за сторениот прекршок до МВР.
9. Дали правно лице мора да поднесе доказ во МВР за уплатената глоба согласно прекршочниот платен налог?
– Не, плаќањето на глобата автоматски се евидентира во системот на МВР и нема потреба правното лице да се доставува дополнителен доказ за извршена уплата.
10. Дали правно лице може да прифати вина и да плати казна за сторен сообраќаен прекршок сторен од вработено лице или да не достави податоци за лице кое сторило сообраќаен прекршок за кое е предвидено и одземање на возачка дозвола?
– Сопственикот, односно носителот на правото на користење на возило или друго лице, не смее да прифати вина за сторен прекршок на сметка на друго лице, кога очигледно од електронскиот запис за прекршокот јасно може да се утврди сторителот на прекршокот.
Доколку постои обид за прикривање на лице кое сторило прекршок за кој е предвидена и казна одземање на возачка дозвола, а доколку истото лице не биде пријавено пред надлежните органи на МВР, истото може да резултира со поведување на дополнителни постапки како против правното лице, така и против одговорното лице во правното лице за прикривање на сторител.

