Права на работниците при статусни промени на работодавачот согласно Законот за работните односи

Законот за работните односи воспоставува систем на заштита на правата на работниците во случаи на статусни промени кај работодавачот, како што се спојување, припојување, поделба, или пренесување на трговско друштво или делови од трговско друштво на друг работодавач.

Основниот принцип е обезбедување на континуитет на работниот однос и зачувување на стекнатите права на работниците.

Клучното право на работниците е продолжување на нивниот работен однос кај новиот работодавач (стекнувачот). Ова е дефинирано во Член 68 од од Законот за работните односи, согласно кој е утврдено дека сите права, обврски и одговорности кои произлегуваат од договорот за вработување и работниот однос во целост преминуваат од претходниот работодавач (преносител) на новиот работодавач (стекнувач) кога ќе настанат статусни измени.

Законот не само што го гарантира континуитетот на работниот однос, туку и ги штити материјалните и нематеријалните права на работниците:

  • Задржување на правата најмалку една година: Новиот работодавач има обврска да ги обезбеди сите права, обврски и одговорности на преземените работници најмалку за период од една година од денот на пренесувањето. Оваа обврска трае до истекот на договорот за вработување или колективниот договор кој го обврзувал претходниот работодавач, доколку тој период е подолг од една година.
  • Права на работникот при влошување на условите: Доколку, поради промената на работодавачот, од објективни причини се влошат правата од договорот за вработување, работникот има право да го откаже договорот. Во таков случај, отказот се третира како да е даден од деловни причини од страна на работодавачот.
  • Солидарна одговорност на работодавачите: За сите побарувања настанати поради отказ даден од работникот поради влошени услови, претходниот и новиот работодавач се солидарно одговорни за обештетување на работникот

Една од најважните заштитни мерки е забраната за отпуштање на работници само поради фактот што се случува статусна промена. Член 68-г, став (4) од Законот за работните односи експлицитно наведува дека пренесувањето на трговско друштво или делови од трговско друштво само по себе не претставува основа за отпуштање на работници. Истиот член дозволува отпуштања доколку постојат оправдани економски, технолошки или организациони причини кои налагаат кадровски промени.

Законот им дава важни процедурални права на работниците, кои се остваруваат преку нивните синдикални организации, со цел да бидат вклучени во процесот на промена.

Работниците и нивните синдикални претставници кои сметаат дека се оштетени поради неисполнување на обврските што произлегуваат од пренесувањето, имаат право да побараат заштита на своите права пред надлежен суд согласно Член 68-д од Законот за работните односи.