Со Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија“ број 36/1995, 70/2003, 29/2004, 37/2005, 103/2008, 140/2008, 35/2010, 100/2011, 157/2013 и 51/2018), кој е на сила, се уредува заштитата од штетните дејствија на пушењето на тутун и други производи од тутун врз граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина, забрана на пушењето во јавни простории и забрана за рекламирање на цигарите.
Во Член 2 од Законот за заштита од пушење, таксативно се наведени просториите кои се сметаат за јавни простории согласно одредбите од законот.
Во член 3 од Законот е наведено дека се забранува пушењето во јавните простории наведени во членот 2 од овој закон. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично), исклучиво доколку просторот е покриен и отворен најмалку од три страни на кои нема никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично) или на отворен простор кој не е покриен со тенди, чадори и слично, а кој странично е заграден (дискоклубови на отворен простор, тераси, летни бавчи и слично), а во објектите во кои се сместуваат гости, може да се определат соби за сместување за пушачи, но најмногу до 30% од вкупниот капацитет на објектот.
Со Закон за изменување на Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2018), се брише член 2 став 1 алинеа 5, односно „простор надвор од деловниот објект, наменет, уреден и опремен за давање на угостителски услуги, кој содржи дополнителна опрема (покриви, ѕидови, стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично) со која просторот се затвора од сите страни со што станува простор од затворен карактер“ повеќе не се смета за јавна просторија, а член 3 став 1 се менува и гласи „Се забранува пушењето во јавните простории од членот 2 на овој закон. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично).“.
Со претходнонаведените измени се овозможи пушење во јавните простории и угостителските објекти во просториите кои може да се дефинираат како тераса, летна бавча и слично.
Во месец јануари 2026 година, Министерството за здравство изготви и достави нов Предлог Закон за заштита од пушење, со образложение дека истиот ќе допринесе за заштита на населението од ефектите на чадот од тутун во животната средина и последиците од потрошувачката на тутун и други производи што содржат никотин, притоа регулирајќи ги и правата и обврски на граѓаните, претприемачите и правните лица, како и надлежностите на државните органи и локалните власти во однос на примената на законот.
Со Предлог Законот се уредува заштитата од штетните ефекти од пушењето на тутун и други производи што содржат тутун и никотин, заштитата на населението од дејството на чадот од тутун во животната средина, забраната за пушење во јавни и работни простории, забраната за рекламирање и промоција на тутун и производи што содржат тутун и никотин, забраната за спонзорирање активности од страна на тутунската индустрија, прикажувањето и изложувањето на тутун и други производи што содржат тутун и никотин, како и уредите за консумирање на тутун и никотин, и превентивните мерки за подигање на јавната свест и поддршка за прекинување на употребата на тутун и производи што содржат тутун и никотин.
Во член 2 од Предлог Законот се дефинирани изрази кои подетално ги опишуваат поимите „пушење“, „уреди за консумирање на тутун и никотин“ – електронски или други уреди наменети за консумирање на тутун, „додатоци за пушење“, „пасивно пушење“, „објект“, „јавен превоз“, „работно место“, итн.
Во член 3 став 1 од Предлог Законот се наведени сите места / објекти каде што е забрането пушење на тутун и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и употребата на уреди за консумирање на тутун и никотин или додатоци за пушење.
Во член 3 став 5 и 6 од Предлог Законот се наведени исклучоците од член 3 став 1, каде што пушењето на тутун и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и употребата на уреди за консумирање на тутун и никотин или додатоци за пушење ќе биде дозволено.
Понатаму, во член 8 став 1 од Предлог Законот е наведено дека продажбата на тутун и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уреди за консумирање на тутун и никотин е забранета на лица помлади од осумнаесет (18) години, а во глава VI. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ се наведени казните кои ќе бидат изрекувани на физички и правни лица кои постапуваат спротивно на одредбите од законот.
Видно од горенаведеното, може да се утврди дека новиот Предлог Закон предвидува поригорозни мерки во споредба со Законот кој што во овој момент е во сила во Република Северна Македонија.
Имено, Законот за забрана од пушење кој е во сила на територијата на Република Северна Македонија, се фокусира на традиционалните производи од тутун, додека со новиот Предлог Закон целосно се изедначуваат производите од тутун и електронските цигари или други уреди наменети за консумирање на никотин.
Новиот Предлог Закон забранува пушење во објекти / угостителски објекти, со исклучок доколку истите се отворени најмалку од три страни и истите не се преградени со стакло, фолија, пластика и слично, а се забранува и пушење во објекти и возила што претставуваат работни места, во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови, на станици на градски и приградски јавен превоз, во приватно возило во присуство на дете.
Понатаму, со новиот Предлог Закон со член 7 се забранува или дополнително ограничува малопродажбата на производите од тутун и електронските цигари и додатоци, за разлика од Законот за заштита од пушење кој во моментот е во сила и кој овозможува полесна достапност до наведените производи.
Новиот Предлог на Закон за заштита од пушење се очекува да стапи на сила на 1 март 2026 година, доколку истиот биде изгласан од страна на Собранието на Репбулика Северна Македонија.

