Со Закон за данок на додадена вредност се воведува данокот на додадена вредност и се уредува неговото пресметување и плаќање. Данокот на додадена вредност, како општ потрошувачки данок, се пресметува и плаќа во сите фази на производството и трговијата, како и во целокупниот услужен сектор, освен ако поинаку не е пропишано со законот.
Предмет на оданочување со данокот на додадена вредност е прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност, како и увозот на добра.
Според одредбите од Законот, данокот на додадена вредност се пресметува со примена на пропорционални даночни стапки врз даночната основа за оданочивиот промет на стоки и услуги и увоз и тоа според општата даночна стапка од 18% која се применува врз целокупниот промет и увоз, како и повластената даночна стапка. од 5%, која се применува врз прометот и увозот.
Важно е да се напомене дека Законот предвидува и одредби кои се наведени во глава IV. ДАНОЧНИ ОСЛОБОДУВАЊА, а врз основа на кои се предвидува ослободување од данокот на додадена вредност за прометот на таксативно наведени добра и услуги.
Имајќи го предвид наведеното, Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за финансии, до Собранието на Република Северна Македонија, во текот на месец септември 2025 година достави Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност.
Предложената законска измена има за цел да го укине ослободувањето од данок на додадена вредност за увоз на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, а се пропишува и ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за добра пратени како мали пратки од некомерцијална вредност, од физичко лице на физичко лице, чија вредност не надминува 22 евра, ослободувањето не се применува за алкохол и алкохолни пијалоци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун.
Со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност, се предлага да се извршат следните измени и тоа во член 27-б во ставот 1 по точката 2, се додава нова точка 2-a) која гласи:
„2-a) добрата испратени од странство од физичко лице кои ги прима физичко лице со живеалиште или одобрен престој во Република Северна Македонија, доколку вкупната вредност на пратката не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, добрата да се испратени бесплатно и таквиот увоз да е од некомерцијална природа. Кога вкупната вредност на пратката која се состои од две или повеќе добра го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, ослободувањето се одобрува до тој износ за добрата кои доколку би биле увезени поединечно би биле ослободени. Кога вредноста на поединечното добро го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, неговата вредност не може да се подели заради остварување на правото на ослободување до висината на тој износ. Ослободувањата не се однесуваат на тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалаци, како и на парфеми и тоалетни води;“.
Како позначајна измена на Законот се смета предлогот за бришење на член 27-б став 1 точка 26-а, односно се укинува ослободувањето од данок на додадена вредност на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност.
Член 27-б став 1 точка 26-а од Законот за данок на додадена вредност гласи:
„пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност. Ослободувањата не се однесуваат на тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалаци, како и на парфеми и тоалетни води“
По изгласувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност од страна на Собранието на Република Северна Македонија, истиот ќе влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

