Застареност на правото да се бара оставина со тужба

Застареноста на правото да се бара оставина со тужба е правен институт со кој се  регулира времето во кое наследниците можат да го остварат своето право на оставина преку поднесување тужба.

Застареноста има важна функција во правото, бидејќи обезбедува правна сигурност и стабилност во правните односи.

Во правниот систем на многу земји, правото да се бара оставина со тужба подлежи на застареност, што значи дека по истекот на одреден период, наследниците губат можност да го остварат своето право преку судски процес.

Во Република Северна Македонија, застареноста на правото да се бара оставина со тужба е уредена во Законот за наследување.

Согласно член 136 ст. 1 од Законот за наследување е предвидено дека правото да се бара оставина со тужба како наследник спрема држателот на оставината застарува за две години од денот кога наследникот дознал дека е донесено правосилно решение, а најдоцна  десет години од денот кога решението за наследување станало правосилно. Согласно ст. 2 од истиот член правото да се бара оставината во секој случај застарува по протекот на дваесет години од смртта на оставителот.

Од вака поставената законска одредба, несопорно произлегува дека во став 1 од овој член, нашето законодавство, во однос на правото да се бара оставина со тужба, разликува два вида на рокови и тоа – субјективен рок, кој почнува да тече од денот кога наследникот дознал дека е донесесно правосилно решение за наследување и објективен рок кој започнува да тече од денот на правосилноста на решението за наследување.

Субјективниот рок претпоставува дека е донесено правосилно наследно решение за наследување со кое е определен наследникот и делот со кој тој учествува во наследувањето и истиот изнесува две години од денот кога наследникот дознал дека е донесено правосилно Решение.

Објективниот рок, исто така претпоставува дека е донесено правосилно решение за наследување и истиот изнесува десет години од денот кога решението за наследување станало правосилно.

Законот за наследувањето, во став 2 од член 136 предвидел и апсолутен рок за застареност кој изнесува дваесет години од смртта на оставителот и со истекот на тој рок правото да се бара наследство застарува.

Законот за наследување, рокот од дваесет години го дава како апсолутен рок на застареност на правото да се бара оставина од покоен, значи почнувајќи од неговата смрт, што подразбира дека ако наследникот не зел учество во постапка за расправање на оставина, правото да ја бара оставината застарува по протек на дваесет години од смртта на оставителот.

Во правната теорија и судската практика е прифатено правното стојалиште дека кога ќе истечат роковите на застареност, пресумтивниот наследник, наследникот-претендент на оставината ако му биде ставен приговор на застареност не може повеќе да го остварува правото на наследство по судски пат, макар колку и да е неговото право со појака правна основа од правото на оној што ја држи оставината. Во овој случај решението за наследување со кое едно лице е огласено за наследник станува и материјално правосилно и не постои можност повеќе да се измени и наследството да му се врачи на лицето, дури и ако има појака правна основа за своето наследно право.

Оваа законска одредба се протега врз сите облици на наследување кои се предвидени во Законот за наследување, кој во конкретниот случај се применува како „lex specijalis“, односно како специјален закон над кој пак неможат да најдат приоритет одредбите од Законот за сопственост и други стварни права.

На крај, важно е да се напомене дека застареноста не значи само губење на правото за поднесување тужба, туку исто така и на правото да се бара било каква друга правна заштита поврзана со оставината. Затоа, навременото постапување и информираност за роковите е од клучно значење за секој наследник кој сака да го оствари своето право на оставина.