Судот на Босна и Херцеговина во Сараево во октомври 2023 година направил преседан со донесување на пресуда со која се потврдува дека Управата за индиректно оданочување на Босна и Херцеговина може да врши наплата на ДДВ лично од имотот на директорот, кој воедно е основач и лице овластено за застапување на компанијата, во случај кога обврските на компанијата – друштво со ограничена одговорност не можат да се намират од средствата на компанијата.
Во конкретниот случај станува збор за главен должник – друштво со ограничена одговорност, кое според Законот за трговските друштва на Федерацијата на Босна и Херцеговина и Република Српска за своите долгови одговара исклучиво со својот имот.
Сепак, според мислењето на Судот на Босна и Херцеговина во пресудата од октомври 2023 година, Законот за постапката за присилна наплата на индиректни даноци ѝ дава право на Управата за индиректно оданочување на Босна и Херцеговина да го префрли товарот на одговорност врз директорот во посебни случаи, откако постапката за присилна наплата на индиректни даноци нема да резултира со намирување на долгот на компанијата. Следствено, директорот може да се прогласи за поединечно и солидарно одговорен за даночниот долг на главниот должник – друштвото со ограничена одговорност.
Основна аргументација на судот за донесување на ваквата пресуда е дека било неспорно утврдено дека тужителот (директорот) лично управувал со работењето на компанијата (главен должник) и со средствата на истата, донесувал одлуки за плаќање на индиректни даноци и за постапување по налози за присилна наплата и одобрувал трошење на средства, односно донесувал одлуки за постапување согласно одредбите од прописите од областа на индиректното оданочување и од областа на присилната наплата на индиректни даноци, при што во сето погоре наведено не преземал мерки во рамките на својата надлежност за намирување на обврските на главниот должник. Следствено, според судот исполнети се законските услови предвидени во член 22 од Законот за постапката за индиректно оданочување, според кој тужителот (директорот) може да се прогласи за поединечно и солидарно одговорен за даночниот долг на главниот должник.
Тужителот (директорот) претходно ја оспорил ваквата одлука, па откако Управата за индиректно оданочување на Босна и Херцеговина ја одбила неговата жалба како неоснована, поднел тужба до Судот на Босна и Херцеговина во Сараево, тврдејќи дека фактот што тој е основач и лице овластено да го застапува главниот должник не може да биде доволен аргумент за утврдување на поединечна и солидарна одговорност, односно дека самиот закон упатува на активно дејствие со кое се предизвикува или учествува во извршувањето на било какво кршење на законите и прописите од областа на индиректното оданочување.
Следствено, поединечна и солидарна одговорност за долг по основа на индиректно оданочување согласно законот имаат лицата кои предизвикуваат или активно учествуваат во кршењето на законите и прописите од областа на индиректното оданочување, а во конкретниот случај според наводите на Тужителот 9директорот) со ниту еден акт не е утврдено дека токму тужителот, како директор на компанијата, ги прекршил или учествувал во кршењето на законите.
Овој случај во Босна и Херцеговина отвори дебата за одговорноста на директорите, корпоративното управување и ризикот од загрозување на претприемничката безбедност не само во Босна и Херцеговина, туку и пошироко.
Ваквата пракса значително влијае на даночната сигурност и сериозно ги поткопува темелите на корпоративното право – имунитетот на директорите во рамките на структурата на ДОО кои сега се соочени со ризикот од лични финансиски последици без доказ за својата вина.
Сето ова создава дополнителна правна несигурност и ги поткопува основните правни принципи како што е ограничената одговорност, отварајќи простор за пошироки дебати за фискална реформа, даночна дисциплина и усогласување со стандардите на ЕУ.