Парична казна согласно Законот за работните односи

Законот за работните односи во член 84 предвидува дека работодавачот може на работникот да му изрече парична казна во зависност од степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски и на работниот ред и дисциплина, поранешната работа и однесување на работникот, тежината на повредата и нејзините последици.

Изрекувањето на парична казна на работник претставува дисциплинска мерка која може да се примени од страна на работодавачот во случаи кога работникот ги прекршил своите работни обврски или правила на работниот ред и дисциплина.

За да може да се изрече парична казна, работодавачот треба правилата за работен ред и дисциплина да ги има јасно дефинирано и истите да ги направи достапни за работникот. Тоа значи дека работникот треба да биде запознаен со своите обврски од работниот однос како и работодавачот треба да му ги обезбеди сите потребни средства за нивно исполнување.

Иако Законот за работните односи и колективните договори не ја уредуваат постапката со која работодавачот може да изрече ваква дисциплинска мерка, праксата покажува дека за изрекување на оваа мерка кон работникот, работодавачот треба да спроведе дисциплинска постапка, во која ќе му се даде можност на работникот да се произнесе по однос на повредите кои му се ставаат на товар, па оттука работодавачот ќе биде во можност во транспарентна постапка правилно да го утврди степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски и на работниот ред и дисциплина како и тежината на повредата и нејзините последици.

Согласно Законот, работодавачот има дискреционо право да утврди дали на работникот ќе му изрече парична казна, која не може да биде поголема од 15% од последната исплатена месечна нето плата на работникот. Времетраењето на казната може да биде од еден до шест месеци, во зависност видот и степенот на повредата која ја сторил работникот.

Доколку работодавачот одлучи да изрече ваква дисциплинска мерка кон работникот, Одлуката за изрекување на парична казна мора да биде донесена во писмена форма, во која јасно ќе бидат наведени основот и причината за изрекувањето на казната, како и правна поука за работникот за заштита на неговите права со назначување на рокот до кој истиот може да достави приговор до работодавачот.  

Работникот има право на правна заштита најпрво во постапка пред работодавачот, доколку смета дека со одлуката за изрекување на парична казна работодавачот прекршил некое од правата на работникот кои произлегуваат од работниот однос.

Ако работникот смета дека работодавачот не ги исполнува своите обврски или му ги прекршил правата од работен однос, истиот има право да поднесе писмено барање до работодавачот за отстранување на прекршокот. Ако работодавачот не ги исполни своите обврски во рок од осум дена по приемот на писменото барање, работникот има право во рок од 15 дена да поднесе тужба пред надлежниот суд.

Доколку работникот поднесе приговор до работодавачот и не е задоволен со одлуката на работодавачот или не е донесена одлука по приговорот во рок од осум дена, работникот има право да поведе спор пред надлежниот суд во рок од 15 дена од денот на добивањето на одлуката по приговорот.

На овој начин, Законот обезбедува и гарантира правна заштита на правата на работникот во секој момент.

Leave a Reply